Јужната и северната граница под блокада
20 август 2015Македонската влада прогласи кризна состојба во регионот на јужната и на северната државна граница поради зголемениот наплив на мигранти, со што согласно правните прописи се отвора можност за соодветен ангажман и на АРМ, соопшти портпаролот на МВР, Иво Котевски.
„Ангажманот на Армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ, да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил во Република Македонија согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиишто потписник е токму Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме“, рече Котевски.
Најавено е формирање главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности.
„Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека наскоро ќе биде утврден единствен хуман одговор од страна на Европската унија кој ќе ги опфати сите земји кои се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот“, рече Котевски.
Портпаролот на МВР соопшти дека во изминатите 24 часа биле издадени 1.327 потврди на странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил во Република Македонија. Во изминатите два месеци издадени се вкупно повеќе од 41 илјада потврди на странски државјани, во најголем дел од Сирија, како и од Авганистан, Ирак и Пакистан.
Котевски обвини дека Грција, не само што не ја контролирала својата граница кон Македонија, туку и организирано ги превезувала бегалците до премините.
„МВР ги преземаше сите неопходни мерки за да ја заштити нашата граница. За жал јужната граница која е надворешна граница на ЕУ, воопшто не беше заштитувана од грчка страна, односно не само што беа пропуштани, не беа запирани илегалните мигранти односно лицата илегално да ја минуваат границата. Напротив, бевме сведоци во голем број случаи кога истите организирано беа транспортирани до границата“, рече Котевски.
Обидите за контакт и координација со грчките власти, досега биле неуспешни, вели портпаролот.
„Ние имаме контакти со грчката полиција, за жал не секогаш на соодветно ниво. Имено, претходниот период се обидувавме во голем број наврати да оствариме соодветен контакт, да направиме соодветна координација во однос на обезбедување на државната граница и мерките кои би требале да ги преземаат полициските службеници од грчка страна, но за жал немаше соодветен одговор“, рече Котевски.