Јап Де Хоп Шефер во Берлин
14 септември 2007Ако се прашуваше само Јап Де Хоп Шефер, Германија одамна ќе беше присутна со повеќе авиони за набљудување во јужниот дел на Авганистан, каде има најмногу судири. Зашто, се разбира, во интерес на генералниот секретар на НАТО е, при ангажирање на трупите, да има што е можно помалку задршки и ограничувања од страна на одделните држави. Тоа Холанѓанецот го призна без да заобиколува, но нагласи дека нема да врши притисок.
Де Хоп Шефер потсети дека и Германија поднесува жртви во Авганистан, а освен тоа тој го пофали и цивилниот ангажман на север од земјата: ” Ме радува што ЕУ почна со обука на полицијата, како што тоа Германија одамна го прави. Со доверба гледам на развојот на дискусијата во Германија.”
Доцна наесен германскиот Бундестаг треба да гласа за натаможниот ангажман во Авганистан. Спорно е дали и во колкав обем Бундесверот ќе учествува во иднина во меѓународните сили ИСАФ, кои се предводени од НАТО, од една страна и во операцијата ”Неограничена слобода” што ја предводат американските сили од друга страна. Додека партиите на унијата, ЦДУ и ЦСУ сакаат продолжување на учеството во двете, мислењата на социјалдемократите се поделени. На СПД и‘ припаѓа министерот за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, кој по размената на мислења со генералниот секретар на НАТО, за германскиот придонес надвор од мирниот север на Авганистан, укажа:
”Всушност, отсекогаш беше така што дававме помош и на југ кога тоа беше неопходно. А, на југ сме ангажирани и цивилно.”
На тоа, пред неколку дена, укажа и германската канцеларка, Ангела Меркел, во говорот за буџетот во парламентот, кој една четвртина беше посветен токму на темата Авганистан: ”Бундесверот и во иднина тежиштето на ангажманот ќе го има на север, но ќе биде активен и во други региони доколку е тоа неопходно. ”
Левицата е против
Тоа што Бундесверот и германските хуманитарци и помагачи на обновата на Авганистан постигнале успех во хуманитарната сфера во Авганистан беше пофалено и од страна на пратеничката група на Партијата на левицата. Но, нејзиниот координатор, Оскар Лафонтен го осуди ангажманот на авионите за набљудување, Торнадо:
”За мојата фракција е неприфатливо. Врз основа на фотографиите што се прават со авионите Торнадо да бидат убивани недолжни луѓе. ”
Затоа, но и поради принципиелни задршки, левицата беше единствена партија што гласаше против ангажман во Авганистан и утре ќе учествува на демонстрациите во Берлин под мотото: ”Надвор од Авганистан”.