„Штутгарт 21“ го бранува Берлин
2 октомври 2010Спорот меѓу заговорниците и противниците на проектот „Штутгарт 21“ трае повеќе од три години, но деновиве тој ескалираше. Особено сликите на крв и насилство на улиците на Штутгарт кои ги пренесоа медиумите во чевртокот вечер, му дадоа нова димензија на спорот кој сега ја засега цела Германија, особено во политичките кругови. Во судирите меѓу полицијата и демонстрантите, завчера беа повредени 130 луѓе, ако им се верува на органите за безбедност, односно 400, ако им се верува на организаторите.
Критики за ЦДУ и канцеларката Меркел
Во знак на протест против насилството и жестоката интервенција на полицијата вчера во градот се одржаа досега најголемите демонстрации против проектот, на кои 100 илјади луѓе, како што соопштија организатортите, побараа оставки од премиерот на покраината Баден Виртемберг, Штефан Мапус и покраинскиот министер за внатрешни работи Хериберт Рех.
И повторно полицијата имаше поинакво мислење, проценувајќи го бројот на демонстрантите на околу 50 илјади. Но, за разлика од претходниот ден, овие протести минаа мирно.
Сликите од судирите меѓу полицијата и демонстрантите во четвртокот ја возбудија Германија и пред се’ - политичарите. Расте притисокот врз премиерот на Баден Виртенберг Мапус, но и врз неговата партиска шефица, канцеларката Ангела Меркел, со оглед дека нивната Христијанско-демократска унија беше и останува заговорник на проектот.
Употребена несразмерна сила
Опозицијата ги обвини дека сакаат да го спроведат проектот со гумени куршуми против демонстрантите кои протестираат мирно.
„Ние сме потресени од вестите и сликите што пристигна од Штутгарт, потресени поради ескалацијата на насилството. Сето тоа нам ни‘ покажува дека проектот „Штутгарт 21’ не може да се протурка со насилство“ истакна пратеникот на опозициската Социјалдемократска партија, Кристијан Ланге.
Особено огорчено реагираат од опозициската партија на Зелените. Тие уште од самиот почеток беа против плановите главната железничка станица во Штудгарт да се премести под земја. Лидерот на Зелените Џем Ездемир ги обвини властите во Баден Виртемберг дека употребиле несразмерна сила против демонстрантите.
Зaјберт: Меркел не придонесла за ескалација на спорот
Германската канцеларка Ангела Меркел, која пред две недели во Бундестагот демонстративно ја поддржа покраинската влада во Штутгарт, ги повика противниците на „Штутгарт 21“ да протестираат мирно. Нејзиниот портпарол Штефен Зајберт во Берлин појасни:
„Мирниот протест во Германија е фала му на бога - можен. Мирното протестирање е право. Ова право го имаат демонстрантите, меѓутоа тие немаат право да го попречуваат спроведувањето на една демократска одлука“.
Зајберт ги отфрли обвинувањата дека Меркел со нејзината поддршка за проектот, придонесла за ескалација на спорот.
Автор:СН/ЕМФ/дв/дпа
Редактор:Елизабета Милошевска Фиданоска