Ein Lob zum Abschied
8 ноември 2011Германската канцеларка Ангела Меркел изрази голема почит за храброста и пробивноста на грчкиот премиер Јоргос Папандреу во борбата против многубројните отпори во неговата земја, посочи портпаролот на владата во Берлин, Штефен Зајберт. Повикувајќи се на најновиот телефонски разговор меѓу канцеларката и грчкиот премиер, портпаролот порача дека Меркел ја пофалила способноста на грчкиот колега по функција да ја сфати нужноста од длабоки структурни реформи и консеквентни мерки на штедење. Во изјавата на портпаролот Зајберт не се споменува воопшто спорниот референдум за кој се залагаше Папандреу, а во кој грчкиот народ требаше да реши дали ги прифаќа заклучоците од самитот во Брисел.
Највисок приоритет
Што се однесува до натамошните задачи на новата грчка влада, Меркел и Папандреу во разговорот биле согласни дека највисок приоритет мора да има итното и комплетно спроведување на сите заклучоци од самитот на ЕУ. Меркел исто така побарала новите, предвремени избори, да се свикаат дури откако ќе бидат спроведени заклучоците на ЕУ. Таа во исто време порачала дека Германија во моментов не се залага за исклучување или своеволно истапување на Грција од еврозоната. Но, официјална Атина за тоа мора да се придржува до договореното на самитот.
„Грција ќе лета од еврозоната“
Духовите во Берлин неодамна ги разбранува министерот за економија Филип Реслер, кој во интервју за булеварското списание „Билд“ порача дека трпението има и граници. Статијата беше насловена со „Без вистински реформи Грција ќе лета од еврозоната“. На прашање на грчки новинар, како треба правно да изгледа таквото исфрлање на Грција од еврозоната, портпаролот на министерот Реслер порача дека изјавите од интервјуто во „Билд“ не биле ништо друго, туку апел до грчката влада без двоумење да продолжи по сегашниот курс.
Опозицијата да носи одговорност
Најголемата опозициска партија на социјалдемократите порача дека позитивно го оценува создавањето коалициска влада во Грција. Уверени сме дека владата на национален спас, со учество на најголемите политички партии е исправен пат, порача претседателот на СПД, Зигмар Габриел. Тој уште додаде дека опозициската Неа демократија има важен удел во креирањето на сегашната катастрофална состојба и затоа треба да сноси одговорност како дел од преодната влада. Габриел уште критикуваше што од Европа не доаѓаат иницијативи за поттикнување на стопанскиот пораст во Грција, иако стапката на невработеност кај младите се приближува до критичната граница од 50%. Во Грција расте генерација млади луѓе, за кои Европа е само грижа, страв, па и закана, оцени Габриел.
„Крај на демократијата“
Претседателот на Партијата на левицата, Клаус Ернст, предупредува од социјални немири во Грција и бара од новата влада прво да ги замрзне странските конта на богатите Грци. Потоа треба да провери колкав дел од тоа богатство се темели на затаен данок и соодветно на тоа да го одземе од сопствениците и да го приложи во руинираниот државен буџет. Ернст остро го критикуваше притисокот од европските лидери, посебно од канцеларката Меркел и претседателот Саркози, врз грчкиот премиер да се откаже од најавениот референдум. Држави, кои себе се нарекуваат демократски, бараат од грчкиот парламент да се избори за позицијата на владата против сопствениот народ, оцени Ернст. Тоа е крај на демократијата!
Автор: Бернд Греслер / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска