Што носи новата влада во Берлин?
23 ноември 2005„Изборот на Ангела Меркел е повеќе сигнал за промена, отколку за политички континуитет во Германија„ – оценува „Ноје цирихер цајтунг„ па продолжува:
„Можно е многумина во неа да гледаат само претставничка на новата генерација партиски функционери, но всушност изборот на новата канцеларка е симбол и за успешното повторно обединување на Германија. Конечно и на политичко ниво срасна она што одамна требаше да се спои. Тоа е вистинската новина„ – нагласува „Ноје цирихер цајтунг„.
Шведски „Гетеборгс постен„ истакнува друг аспект од изборот на Меркел:
„Таа води влада, што од самиот почеток покажа слабост преку релативно големиот број гласови од двете собраниски групи на владеачките партии што беа против Меркел. Всушност веќе изборите пред два месеца беа нејзин своевиден неуспех. Внатрешната опозиција што се покажа вчера во Бундестагот не само што ја слабее позицијата на канцеларката, туку и авторитетот на целата владеачка коалиција во Берлин. Тоа е сериозен проблем, бидејќи на Германија како мотор на ЕУ и‘ е потребна силна влада.„
Австриски „Стандард„ на истата тема има поинакво мислење:
„Мачната изборна кампања, тесната победа на предвремените избори, сложените коалициони преговори и сега просечниот изборен резултат во Парламентот – се чини дека над изборот на Ангела Меркел виси натпис: просечно. Но, малите очекувања можеби и не се така лоша стартна позиција за неа. Кога во 1998-та на власта дојдоа СПД и Зелените, за нивното владеење беа врзани толку големи очекувања, што тие мораа многумина да разочараат. Од Меркел никој не очекува многу повеќе отколку да се држи над водата и добро да го санира државниот буџет„ – оценува „Стандард„.
Британски „Гардијан„ се осврнува на надворешната политика на новата германска влада, па забележуваа:
„Првите странски посети не навестуваат порадикални промени. Меркел ја следи традицијата и прво патува во Париз, потсетување на поранешниот мотор на ЕУ, иако тој веќе не функционира. По сличната обврзна посета на Брисел доаѓа Лондон. Тони Блер е актуелен претседавач со ЕУ, а Меркел смета дека решавањето на буџетската криза во Унијата е итно потребно. Но, најважното патување на новата канцеларка ќе води кон Вашингтон, каде таа ќе се заложи за помирување со САД по Шредеровите напади врз ирачката политика на Џорџ Буш„ – смета британски „Гардијан„.
Француски „Фигаро„ пак околу надворешно-политичката ориентација на новата влада во Берлин забележува:
„Франција може само да профитира доколку Вашингтон повеќе го слуша мислењето на официјален Берлин. Но, Ангела Меркел доаѓа на власт во таков миг кога клучните партнери за нејзината надворешна политика Буш, Ширак, Блер, Берлускони и Путин се повеќе или помалку на заминување. Затоа најважните политички решенија веројатно ќе мораат да причекаат. Тоа на Ангела Меркел пак и‘ дава време да создаде сопствен надворешно-политички профил и стил„ – смета француски „Фигаро„.