Правила за „соживот“ со волците
19 август 2015Волкот се врати. Сто и педесет години откако луѓето го истребија ова диво животно, сега неговата бројка се зголемува во Германија. По отстранувањето на границите во 1990 година, волците дојдоа од Источна Европа. Масовен лов преживеаја и волците во Италија и Португалија. Со оглед дека ова е диво животно, кое главно се храни со срни и диви свињи, способно да помине големи растојанија, сега се шири кон западниот и северниот дел на Европа.
Според извештајот на Германскиот сојуз за заштита на природата, во Германија има околу 30 глутници, или вкупно 300 волци. Тие не смеат да се ловат. Заради можните средби со ѕверовите и штетата која можат да ја нанесат на нивната стока, расте загриженоста кај луѓето.
Поради тоа фармерите и овчарите деновиве протестираат во јужна Франција. Се закануваат дури и со блокада на најпрестижната велосипедска трка „Тур де Франс“ на 22 или на 23 јули, кога професионалните велосипедисти поминуваат низ тој регион. „Оваа ситуација за нас е неприфатлива“, се жалат фармерите во писмото до францускиот премиер Мануел Валс. Тврдат дека минатата година волците им растргнале 8.500 овци. Нивните сопственици бараат да се укине заштитата на волците, согласно Бернската конвенција. Се проценува дека во јужна Франција живеат околу 300 волци.
Волкот (Canis lupus), според конвенцијата, се смета за еден од дивите видови кој не смее да се вознемирува, зароби, убие или тргува. И покрај тоа, владата во Париз ја зголеми дозволената бројка за отстрел на волци од 24 на 36 годишно. И во Германија може да дојде до истата ситуација, смета Маркус Батен, експерт за волкови од Германскиот сојуз за заштита на природата. „Кога овчарите не користат заштити мерки - како што е случај во Франција - стадата слободно шетаат и не се заштитени со ограда, тогаш волците ги напаѓаат.“
Изненадени поради волците
За да се спречат штетите кои им се нанесуваат на луѓето и животните, релевантните министерства на федералните покраини во соработка со компаниите, покрај оние за заштита на природата, ловечките и земјоделските, направиле стратегија за „управување со волците“. Единствени национални упатства не постојат.
Градовите-држави (Берлин, Хамбург, Бремен) нагласуваат дека шансите за преживување на волците во големите градови се помали, отколку во шумите и ретко населените области. „Волците можат да се појават дури и во Берлин, Хамбург или Бремен, затоа што се прилагодливи и можат да минат големи растојанија. Стравот кај луѓето е уште поголем, бидејќи не се подготвени за нешто такво“, напоменува Маркус Батен.
Соживот меѓу човекот и волкот
Анализата на Сојузот за заштита на природата покажува дека само областите Брандебург и Саксонија се прилагодени за живот со волците, бидејќи тие живеат таму веќе 15 години. Батхен работи во една од информативните канцеларии на Сојузот за заштита на природата во близина на германско-полската граница. „Забележав дека со тек на време луѓето се смирија. Веќе не прашуваат толку често за совет и нема чувствителни караници околу присуството на волците и можните последици за луѓето.“
Одгледувањето овци и натаму е возможно, а дивечот не е истребен. „Луѓето воопшто не ги забележуваат волците, тие не ги загрозуваат. Воспоставена е здрава рамнодушност меѓу човекот и волкот“, смета Батен. Во северната покраина Шлезвиг-Холштајн, во која има мала шума, покраинската влада дури по напад на волци врз стадо овци ветила 100.000 евра за финансирање на стратегијата „Управување со волците“.
После многу слични инциденти, Министерството за заштита на околината во покраината Рајнланд Пфалц објави водич од 40 страници. Водичот содржи информации за природата на волците, разлики меѓу нив и кучиња, совети за итни случаи и објаснување како да се однесуваат кон оние волци кои се немирни, болни или повредени. Содржи и кодекс за однесување при средба со волк и превентивни мерки во случај на штета или судир. Водичот објаснува и што можат да направат овчарите за надомест на штетата за животните кои им ги растргнале волците.
„Луѓето престанаа да фрлаат ѓубре, отпадоци или животински органи на отворено“, додава Маркус Батен. „Тоа е поврзано со човечкиот мирис кој е сигнал за волците: во близина на луѓето ќе пронајдат храна.“ Во никој случај, волците не смеат да се привлекуваат и хранат. На тој начин тие можат да ја изгубат природната незаинтересираност за луѓето.
Германските институции не сакаат да го прекршат Законот за заштита на видовите, така што ќе дозволат да се стрелаат волците. Наместо тоа, биолози би требало да ги заплашуваат животните со гумени куршуми. Исто така, размислуваат и за трајно протерување од чувствителните подрачја со помош на оружје кое се користи при играта „Пеинтбол“.
„Управување со волците“ како процес
Волкот е прилагодливо животно. Поради тоа федералните покраини работат на стратегии кои постојано се ревидираат и прилагодуваат. „Прв пат после 150 години имаме искуство со волците во еден индустриски и културен пејсаж. Мораме постојано да внимаваме како се развива во патната мрежа и инфраструктурата пресечена со лов“, вели Маркус Батен. Освен тоа, мора да се следи и развој на односите на населението и волците.
На покана на Министерството за заштита на околината во Брандебург околу 100 институции се собираат еднаш годишно за ажурирање на стратегијата „управување со волците“. Експертот за волци, Батхен вели: „Ние, луѓето, ги искоренивме волците. Сега мораме да направиме се’ што можеме за зачувување на тој вид, за да има причина за постоење на волкот.“