Шокирана Италија
10 октомври 2005Со години Италија го држеше островот Лапедуза херметички затворен за јавноста. На репортерот на весникот „Еспресо„ сепак му успеа да погледне зад кулисите. Фабрицио Гати се прошверцува во логорот како курдски бегалец под името Билал Ибрахим ел Хабиб. Репортажата за неговите искуства за логорот, кој од министерот за внатрешни работи секогаш е опишуван како примерен, длабоко ја шокираше Италија. Она што го видел на Лампедуза, изјави Гати за германското радио во Рим, ги надминало неговите и најлоши очекувања:
„Тоалетите се полни измет и урина. И другите хигиенски услови се очајни. Душеците се сосема дупнати, а чуварите употребуваат сила. Трипати видов како бегалците кои штотуку пристигнаа, смрзнати и гладни, беа тепани зашто не ги разбираа наредбите на карабињерите„.
Шокантна ситуација, пишува дневникот „Ла Република„, а други коментатори пишуваат за второ Гвантанамо. За вознемиреност во Рим пред се придонесоа сцените од Лампедуза во кои новинарот опишува како карабињерите ги мачат и ги омаловажуват бегалците:
„Во два случаја видов како бегалците минуваа низ кордон полицајци и од сите беа тепани. Во друг случај еден карабињер на малолетник муслиман му покажуваше порно слики од хенди. Еден бегалец од срам ги покри очите. Карабињерот му ги рашири рацете и го принуди да гледа„.
Атаци кои потсетуваат на измачувањата на американските војници во Абу Гариб и за кои сега италијанската влада ќе мора да најде оправдување. Опозицијата бара оставка на министерот за внатрешни работи Писану, но и Европската унија треба да постави критички прашања: не само затоа што Рим погрешно го информираше Брисел за вистинската ситуација на Лампедуза, туку и затоа што новинарот откри дека Италија во никој случај не ги контролира бегалците толку строго како што им тврди владата на Берлускони на странските партнери. Напротив: Гати доживеа колку е лесно од островот да се дојде до Рим или подалеку на север:
„Полицијата ми зеде отпечатоци од прстите и констатира дека се исти со друг бегалец, со Романецот, Роман Ладу. Всушност, јас тоа име го користев за друга репортажа за бегалците. Иако како Роман Ладу бев казнет, по 8 дена бев префрлен на Сицилија со писмено барање да ја напуштам земјата. Барање кое малку кој го почитува„.
На Сицилија, ослободениот бегалец, алијас новинарот Гати, бил ставен во воз кон север. Без ниту еднаш да биде прашан за документи, тој се истоварил на главната железничка станица во Рим. Од властите веќе никој не се интересирал што се случило со бегалецот Билал Ибрахим ел Хабиб.