Четници во „мировна“ мисија во Украина
15 август 2014Репортерот на германскиот неделник „Цајт“ го сретна Братислав Живковиќ уште во март. Било тоа недалеку од Севастопољ на Крим, токму во периодот на анексијата на украинскиот полуостров кон Русија. „Тој 39-годишник изгледа како сенка на војната во човечки облик: долга коса, густа брада, со крзнена капа и на рамото беџ со златна костурска глава...“ Братислав тогаш на новинарот му рекол дека му се јавуваат пријатели кои се борат во Сиера Леоне, го прашуваат дали да дојдат на Крим. Но, нема потреба - командантот и неговите четници ја држат работата под контрола. „Ние не сме некакви кучиња на војната“, ќе изјави тој, српските борци само сакаат Крим мирно да се врати во Русија, таму каде што и припаѓа.
Мисијата Луганск
За разлика од Крим, каде минаа без испукан куршум, вестите од истокот на Украина укажуваат дека доброволците на Четничкото движење активно учествуваат во борбите кај Луганск. Руската агенција РИА Новости пренесе дека на почетокот на неделата четничкиот баталјон „Јован Шевиќ“ го запрел налетот на украинската армија на патот Луганск-Краснодон. Притоа, уништени биле два тенка, една хаубица и еден топ. За борбите редовно известува на својот портал и Четничкото движење, со фотографии од настаните. „Таму има 15 или 16 наши луѓе. Иако одредот ’Јован Шевиќ’ брои 46 луѓе, во него има и Руси како и еден Бугарин“, раскажува Зоран Андрејиќ, заменик на комдандантот Живковиќ во Четничкото движење. Во разговор за ДВ тој објаснува дека борците од Србија не се платеници и дека не бараат пари за својот ангажман на страната на проруските бунтовници.
Но, во таквите хуманитарни и идеалистички мотиви не верува државниот врв на Србија. Премиерот Александар Вучиќ тврди дека мнозинството Срби кои војуваат во странство добиваат пари. „Се работи за десетина луѓе кои се борат на руска страна и десетина кои се борат на украинска“, тврди Вучиќ. „Ги повикувам сите да се вратат во татковината, да водат сметка за своите семејства и за државата, а не да војуваат за туѓи интереси“, порача Вучиќ.
Босанска врска
Медиумите пренесуваат дека познанството со Русите и Козаците датира уште од крвавата војна во Босна, кога заедно со српските паравоени формации се бореа и многу „православни браќа“ од Русија. Тоа за ДВ го потврдува и Зоран Андрејиќ од Четничкото движење. „Бројни припадници на нашето движење учествуваа во војните во Босна, Крајина и Косово. Таму се запознаа и со командантот на проруската војска Игор Стрелков“. Стрелков е всушност „военото име“ на Игор Всевдолович Гиркин, за кој западните служби тврдат дека до минатата година бил резервен полковник во руската тајна служба. Се појавува како воен лидер на сепаратистите на Крим, а подоцна и во Славјанск.
„Сега се прави приказна за некакво големо руско-српско братство кое во реалноста воопшто не постои“, вели за ДВ Зоран Драгишиќ од белградскиот Факултет за безбедност. „Испаѓа дека тие силни православни браќа кои ја бранеа Краина - а како ја бранеа, така и ја одбранија, сега водат заеднички борби за Лугањск и Доњецк. Доаѓаа, додуша, некои Руси и за време на бомбардирањето на Србија, но тие овде повеќе пееја“.
Жртви на индоктринација
Во моментов, српските граѓани можат да војуваат по белосветските фронтови и да се вратат дома како слободни луѓе. Според актуелните закони, тоа не се смета за кривични дело. „Се работи воглавно за платеници кои се регрутираат за фронтот. Кон крајот на 90-те и потоа, тоа беа војните во Африка, а сега се во прашање Ирак, Сирија и Украина. Србија е практично извозник на „кучиња на војната“. Притоа не се во прашање само „православните браќа“. Од српскиот дел на Санџак, како и од БиХ, Македонија и Косово, сѐ повеќе млади заминуваат во џихад на боиштата на Блискиот Исток. „Мотивите на тие луѓе не се економски. Од Германија и Австрија заминуваат деца, исто како и од Санџак. Тоа се жртви на страшна индоктринација, која постои и кога е во прашање боиштето во Украина“, вели Драгишиќ.
Српската влада веќе подготвува нацрт-закон, кој треба да биде усвоен наесен, според кој борците-гастарбајтери ќе можат да добијат казна од една до пет години затвор, а организаторите на доброволците и до 12 години.
Во меѓувреме, Братислав Живковиќ, кој сѐ уште војува кај Луганск, во српската јавност испраќа отворени писма до премиерот Вучиќ во кои порачува дека „за еден-два месеци“ сѐ ќе биде готово, па ќе се врати во татковината. Тој го повикува Вучиќ на ТВ-дуел на кој сака да докаже дека „неговата борба против нацистичките единици на истокот на Украина е праведна и чиста“.