„Цути“ бизнисот со старечки домови
28 јуни 2015Македонија сега има 296.000 пензионери. Во старечките домови во оваа држава се опфатени 0,5 отсто од вкупниот број стари лица, иако европските стандарди препорачуваат да бидат опфатени до 5 отсто. Во овој момент во земјата работат 31 старечки и пензионерски домови со вкупен капацитет од 950 легла во сопственост на државата и на пензионерските здруженија. Петстотини и 70 легла се во четирите старечки домови: во Скопје се Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ и одделот „Мајка Тереза“ со капацитет од 111 легла, а домот за стари лица „Сју Рајдер“ во Битола располага со 140 кревети. Во Kуманово работи домот „Зафир Сајто“ и има најголем капацитет – 165 легла. Домот „Kиро Kрстески - Платник“ во Прилеп има 151 легло. Од вкупно 567 дури 215 стари лица материјално се необезбедени и се сместени преку Центарот за социјална работа, што значи дека државата преку Министерството за труд и социјална политика учествува во подмирувањето на трошоците за нивното сместување, исхрана и лекарска грижа. Цената во овие државни старечки домови изнесува од 105 до 211 евра месечно. Во 27 – те пензионерски домови нивните корисници плаќаат од 8 до 13 евра месечно за кирија, а плаќаат самите и во просек по 80 – тина евра месечно за струја, вода и други комунални и режиски трошоци. Но, за место во старечките и пензионерските домови се чека и по 5 – 10 години, а листите за тоа стануваат километарски долги.
Потребни се уште старечки и пензионерски домови
Претседателот на Сојузот на пензионери на Македонија Драги Аргировски вели за ДВ: „Околу 170 илјади лица примаат пензии до нивото на просечната пензија, која изнесува 202 евра. Околу 50 илјади пензионери имаат месечни примања до 162 евра и тие се меѓу најзагрозените, бидејќи немаат пари да платат дури ниту за сместување во државните пензионерски домови. Пензиите се зголемени за 76 проценти во последниве неколку години, но, сепак, сместувањето и живеењето на пензионерите во старечките и пензионерските домови се претвори во егзистенцијален проблем на државата, бидејќи за многумина нема ниту место ниту можности за престој во овие објекти. Потребно е државата да изгради барем уште 4 старечки и 5 – 6 пензионерски домови, за да бидат колку – толку задоволени потребите.“
За згрижување на пензионерите и воопшто на старите лица државата, како што изгледа, засега повеќе се потпира на приватните старечки домови, а помалку активности се спроведуваат заради проширување на постојните државните пензионерски и старечки домови, меѓу кои има такви што не се реновирани повеќе години и децении. Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, досега во земјата се отворени 17 приватни установи за социјална заштита на стари лица, а реновиран е само еден дом во државна сопственост - „Сју Рајдер“ од Битола. Најголемиот број од приватните старечки домови се отворени во Скопје - вкупно 15, а по еден е изграден во Неготино и во Битола. Во овие приватни домови месечно се плаќа од 293 до 586 евра, но има некаде и уште повисоки цени. Дојче веле побара од Министерството за труд и социјална политика информација дали и како се како се планира да се надминуваат проблемите, со кои се соочуваат пензионерите и другите стари лица, бидејќи не мал број од нив се жалат дека немаат речиси никакви шанси некогаш да влезат во државните пензионерски и старечки домови, а за приватните домови не можат ниту да сонат. До моментот на објавувањето на овој текст таа државна институција не се огласи со свои одговори на поставените прашања.
Минатиот месец при предавањето во употреба на неколку приватни домови за стари лица министерот за труд и социјална политика Диме Спасов имаше кажано: „За да се подобри состојбата со старечките домови Владата донесе конкретни мерки. За изградба на установи за социјална заштита на стари лица се продава градежно земјиште со почетна цена од едно евро за квадратен метар. Општините имаат посочени објекти, кои може да се дадат под долготраен закуп, или да се понудат за јавно - приватно партнерство. Намалена е цената на комуналиите за 95 отсто, обезбедени се поволни кредитни линии со каматна стапка од 5,5 отсто преку Македонската банка за поддршка на развојот. Тука се и поволностите за вработување што се нудат преку Агенцијата за вработување, како и поволностите преку Агенцијата за поттикнување на претприемништвото. Како резулатат на владините мерки и поволности отворени се 17 домови за стари лица, а во постапка на основање се уште четири. Ќе продолжиме да го поттикнуваме приватниот сектор, приватните инвеститори да инвестираат во ваквите капацитети, а со тоа да се зголемува конкуренцијата и квалитетот за згрижување на старите лица и да се намалуваат цените.“
Цените не се превисоки, тврдат приватниците
ДВ разговараше со сопственици на два приватни дома во земјата околу тоа дали цената за сместување во нив е прекумерно голема. Во приватниот старечки дом „Милица“ во Скопје цената за сместување е од 400 до 500 евра. Шермин Мамут, управителка на ’Милица’ вели: „Цените воопшто не се преголеми. Нашиот дом, кој е првиот ваков лиценциран објект во Македонија, нуди нуди целосна и современа услуга, лекарски надзор, доволен број геронто-домаќинки ... Имаме капацитет од 49 легла, а засега имаме 33 лица, кои се сместени во нашиот дом. Нашите цени се реални и ги содржат сите трошоци во материјалното работење и платите на ангажираниот персонал.“
Приватниот дом за стари лица „Жана“ од Неготино со капацитет од 45 легла ги нуди своите услуги по цена од 500 евра месечно за едно лице. Нејзината сопственичка Снежана Илова истакнува: „Цената од 500 евра не само што не е превисока, туку таа е и мала, со оглед на сите услуги што ги вршиме, а имајќи ги предвид и трошоците, кои ги имаме. Обезбедуваме исхрана и сместување, 24 – часовна лекарска заштита од страна на тројца лекари, физикална терапија, имаме и сопствена амбуланта. Во работењето на домот ги вградивме своите 20 – годишни искуства од работењето во странство. Во Македонија има старечки домови, кои чинат и по 600 евра месечно – цена која се бара за прием на релативно здрави и подвижни стари лица, додека кај нас се примаат и неподвижни, болни и сосема изнемоштени луѓе.“
Од ресорното министерство во повеќе пригоди имаат јавно истакнато дека „државата не може многу да помогне, бидејќи нема влијание во формирањето на цените за сместување, кои се одредуваат според пазарен принцип“. Драги Аргировски, првиот човек на пензионерската организација на Македонија е категоричен: „Постојните цени во приватните домови се во секој случај превисоки. Треба да се зголеми конкуренцијата и тогаш може да се очекува пад на цените барем за 50 – 100 евра.“
Ресорното министерство ги продолжува активностите за поттикнување на бројот на новоизградени старечки домови во очекување дека нивната цена ќе стане подостапна: покрај 17 – те изградени објекти, во процедура се активностите на уште 11 инвеститори за вакви приватни објекти, или веќе започнати да се градат, или се уште во фаза на планирање, во Илинден, Охрид, Гостивар, Аеродром, Карпош, Струмица, Крушево, Богданци ... Здружението на пензионери на Тетово од пред две години има покренато иницијатива за изградба и на еден нов државен пензионерско – старечки објект во овој регион со повеќе од 200 илјади жители, но, од тоа засега нема резултат. Во меѓувреме, продолжува да „цути“ расте бизнисот со градбата на приватните домови, а државните дотрајуваат се‘ повеќе.