Црногорците изненадени од добиениот датум за преговори со ЕУ
13 октомври 2011Прашањето на европските интеграции, повеќе не е прашање на односот на силите во Црна Гора или на политичката волја на било која структура, туку заедничка работа на која сите мораат да работат во соработка со ЕУ, се оценува во првичните реакции во Подгорица. Време за славење нема, а како што вели претседателот на Националниот совет за европски интеграции Небојша Медојевиќ, на Црна Гора дури сега и претстои главната работа.
„Да почнеме да ги решаваме оние проблеми кои најмногу ја кочат Црна Гора и кои не попречуваат во натамошниот напредок, а тоа се видливи резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата, конкретни докази дека сме подготвени да се однесуваме на европски начин“, вели Медојевиќ.
Според последните истражувања на јавното мислење, повеќе од половината граѓани сметаат дека поради почетокот на преговори ќе се зголеми притисокот врз Владата да пристапи одлучно во подигнувањето обвиненија и да ги апси „големите риби“ кои се одговорни за корупцијата и криминалот, додека една третина од испитаниците не веруваат дека таков притисок ќе се случи.
Низа услови
Претседателот на Европското движење Момчило Радуловиќ вели дека Европа можеби нема да става акцент на новите барања, но самиот процес на преговори ќе тече низ условувања.
„Напредокот во процесот на преговорите ќе биде мерен со адекватни, конкретни чекори во одредени поглавја“, вели Радуловиќ.
Граѓаните, кои треба да бидат најмогу заинтересирани за интеграциите, не беа многу информирани што се случувало во Брисел.
„Не сум сигурна дека тоа е денес“, вели една подгоричанка.
„Не знам, не се занимавам со политика“, дополнува еден нејзин сограѓанин.
На прашањето на Дојче Веле дали Црна Гора ја заслужи препораката за отворање преговори, граѓаните не се согласни:
„Па да, зошто да не“, кусо ни одговори едно момче од Подгорица.
„Не забележувам дека сме постигнале некаков напредок, но ако тие така велат, да им веруваме. Би било убаво кога би било така“, вели една учителка од околината на Подгорица.
И НВО секторот ќе учествува во преговорите
Европската Комисија на Црна Гора и препорача да ги започне преговорите од 23. поглавје, кое се однесува на владеењето на правото. Црна Гора ќе биде првата земја која ќе ги започне преговорите на тој начин, од најтешките теми.
Во техничка смисла, на Црна Гора сега и претстои формирање на преговарачки тим. Министерството веќе ја изработи работната верзија на преговарачката платформа, која владата ќе ја усвои дури по консултациите со опозицијата и НВО секторот.
Владата уште не донела одлука дали во преговарачкиот тим ќе има и претставници на невладините организации, како што беше случајот со Хрватска, која успешно ги заврши преговорите.
Автор: Весна Рајковиќ/БГ
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска