Црна Гора и Турција на патот кон ЕУ
9 март 2011„Мислам дека Црна Гора сега е подготвена да преговара за членство во ЕУ. Доцнењето во отворањето на преговорите е неоправдано според договорите на ЕУ“, оцени известувачот за Црна Гора, британскиот европратеник Чарлс Танок. „Ова не е позитивен сигнал ниту за Подгорица, ниту за другите земји од регионот како Македонија, која ги удвојува напорите за да стане членка на ЕУ. Се надевам дека оваа фрустрација нема да ги ослаби ангажирањата на земјата кон ЕУ“, додаде Танок.
„Црна Гора има направено многу, но останува уште многу да се направи, потребни се видливи резултати за Црна Гора да може да премине во нова етапа на Европската интеграција“, оцени од своја страна комесарот за проширување Штефан Филе.
Тој притоа одби да каже повеќе за датумот на можниот почеток на преговори со Црна Гора, како што посакаа некои европратеници. Филе нагласи, дека Комисијата ќе препорача почеток на преговорите само ако земјата ги исполни седумте приоритетни прашања кои и беа поставени во ланскиот извештај на Комисијата.
И самите европратеници изразија загриженост околу корупцијата, борбата против организираниот криминал, случаите на дискриминација, за слободата, независноста и професионалноста на медиумите, политизираната администрација.
„Во борбата против корупцијата и организираниот криминал, среќна сум што во извештајот побаравме од државните власти да се воздржат од притисоците врз организациите од граѓанското општество и невладините организации кои работат или вршат истраги против организираниот криминал и корупцијата“, нагласи австриската европратеничка Улрике Луначек. Taa смета дека овие организации треба да бидат слободни во нивната работа и да бидат поддржани од државата.
„Оваа дебата е потврда дека Европскиот парламент е подготвен да испрати позитивен сигнал до Западен Балкан. Сигнал кој покажува дека проширувањето на Европската унија продолжува и дека треба да биде автентично проширување, односно дека ЕУ треба да ја задржи можноста за членство на сите земји од регионот, се разбира под услов да бидат исполнети извесен број на услови“, заклучи Енико Гјори, државната секретарка за европски прашања на Унгарија во име на унгарското претседателство со Европската унија.
Многу критики за Турција
За Турција дебатата беше подолга, со многу забелешки за кипарскиот ќорсокак, одбивањето да го потпише додатниот протокол за отворање на нејзините пристаништа и аеродроми за Кипар, потоа недостигот на дијалогот меѓу турските политички партии, положбата на жените, слабата заштита на религиозните заедници, како и заканите за слободата на печатот. Ова, според европратениците, се главните причини за забавувањето на преговорите за членство. Тоа го констатира и еврокомесарот Филе: „Преговорите за членство забавија, поглавјата за преговори, кои Турција сака да ги отвори, бараат во актулените околности значајни реформи и прилагодувања.“
Европратениците го поздравија усвојувањето на измените во Уставот на Турција, што според нив е напредок во добра насока, но „потребна е глобална уставна реформа“ која ќе ја претвори Турција во вистинска демократија, која ги гарантира и заштитува основните права и слободи.
Европратениците денес во Стразбур (9 март) ги усвоија резолуциите за напредокот на Црна Гора и Турција во кои се пренесени забелешките, кои беа слушнати во текот на расправата.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Александра Трајковска