Црна Гора доби кандидатски статус за ЕУ
17 декември 2010Постојаниот претседател на Советот на ЕУ, Херман Ван Ромпој, оцени дека одлуката на 27 земји-членки на Унијата уште еднаш ја потврдува определбата дека сите земји од Западниот Балкан треба да имаат европска перспектива. Малата земја со 680 илјади жители се смета за стабилна, но мора да исполни важни задачи. ЕУ констатира дека се потребни длабоки рефоми на полицијата, судството и медиумите во Црна Гора, како и поголем ангажман во борбата против корупцијата и криминалот.
Владата во Подгорица денеска најави натамошни опширни реформи. Црногорскиот премиер, Мило Ѓукановиќ, ја потврди определбата за реформи во државата.
„Најважно е да ги исполниме нашите основни задачи. Тоа значи да спроведеме реформи, да го обезбедиме континуитет на странските инвестиции, да создадеме нови работни места, да ги покачиме платите и пензиите. Сакаме да бидеме дел од Европската унија“, изјави Ѓуикановиќ.
Силен поттик
„Одлуката на европските шефови е големо охрабрување за Црна Гора и потврда за нашите напори“, изјави, пак, вицепремиерот Игор Лукшиќ за агенцијата ДПА. „Но, таа е и предизвик, затоа што имаме уште многу да сториме за исполнување на сите задачи, кои ни ги зададе Брисел“, дополни Лукшиќ.
Црна Гора, покрај Македонија и Хрватска, е третата држава од Западниот Балкан, која го доби статусот кандидат за членство во ЕУ. Останати официјални кандидати се Турција и Исланд. Другите балкански држави, меѓу кои Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Србија се потенцијални канидати за членство.
Автор: Мустафа Цанка/дпа/Александра Трајковска
Редактор: Горан Чутаноски