Цехот од „стратешкото партнерство“ на Србија и Русија
6 декември 2014Откажувањето на Русија од гасоводот Јужен тек предизвика цела низа преиспитувања во Србија за т.н стратешко енергетско партнерство со Русија. Аналитичарите тврдат дека Јужен тек пропадна поради конфликтот помеѓу Европската Унија (ЕУ) и Русија, но дека фактот оти Србија преку нејасни аранжмани со Русија практично и‘ ги подари енергетските ресурси на руската страна и дека исто така остана без никакви гаранции за надоместок на материјалната штета. Се наведува дека Србија нема право да ја бара назад нафтената индустрија на Србија (НИС), чија продажба беше поврзана со изградбата на трасата на Јужен тек низ Србија, бидејќи таква клаузула во договорот не постои. Српските политичари едноставно не веруваа дека тој проект ќе пропадне!
Скапи грешки
„Допрва ќе ги видиме политичките размери на штетата, но сосема е сигурно дека Србија ќе има значителни економски последици поради пропаѓањето на Јужен тек“, оценува Милан Чулибрк, главен уредник на неделникот НИН. Тој наведува дека постои страв од зајакнување на евроскептицизмот, иако Русија официјално се откажа од изградбата на гасоводот. Во разговорот за ДВ, Чулибрк предупредува дека нема многу полза од лутината на Брисел или Москва, бидејќи за евентуалното откажување на Јужен тек требало да се води сметка многу порано - кога пред седум години се постигнувае енергетскиот договор со Русија.
„Ние тоа не го сторивме и како што слушаме и од надлежните министри во владата, сега нема да можеме да бараме ниту ревизија на тој договор. Проблемот е во тоа што ние не ја поставивме на здрава економска основа стратешко-енергетската соработка со Русија“, вели Чулибрк. Тој договор се темелеше на политика. „Сега е доцна да се зборува за тоа, но тоа е добра порака за во иднина: никогаш да не се договараат аранжмани врз основа на добри политички односи, туку на основа на чисти и прецизни економски пресметки“.
Факт е дека Србија нема добра алтернатива за рускиот гас, истакнува за ДВ Тања Јакоби, уредничка на магазинот Бизнис и финансии, но, исто така, факт е и дека тој енергетски пакет со Русија требаше подобро да се разгледа: „Важно е да се потсети дека сите актери кои денес се во власта и опозицијата, едноставно се натпреваруваа да кажат дека договорот е потпишан токму поради нив. Така, кај нас поради тоа е и исклучена секоја можна дискусија, дали тоа требаше или не требаше поинаку да се направи. А од друга страна пак, руските интереси преку НИС се сега, на таков начин вкоренети во Србија, што во овој момент едноставно невозможно е да се размислува за тоа.“
Цената на лошите потези
Енергетското партнерство со Русија, Јакоби го толкува како договор меѓу две нееднакви страни - едната силна и голема, а другата „застрашувачко мала“. „А тој помал партнер поради тоа не вложува доволно памет во тоа што би можел да направи. Таа нерамнотежа е огромна и ние допрва ќе видиме какви последици ќе остави. Ние ја споменувавме само НИС, но, тука е и Србијагас. Кога државата дури и би сакала да изврши реконструирање на тоа претпријатие, би се покажало дека тука постојат различни интереси, кои се дури и појаки од државните интереси“, смета Јакоби. Тој додава и дека играта на интереси далеку го надминува прашањето на директорот на Србијагас, а на таа позиција е социјалистот Душан Бајатовиќ кој, како што се смета во јавноста, ја добил битката со поранешната министерка за енергетика Зорана Михајловиќ, иако таа доаѓа од многу попопуларна партија.
Милан Чулибрк смета дека и Брисел должи некои одговори. Тој се прашува зошто Европската Унија молчеше додека беа потпишувани договорите за Јужен тек со Бугарија, Унгарија, Италија. „Од друга страна пак, не може да се каже дека енергетското партнерство со Русија беше катастрофално за Србија, затоа што Србија едноставно нема алтернатива. Ние едноставно немаме друго место каде што можеме да купуваме гас и во секој случај рускиот гас го купува цела Европа. Нашиот проблем е што сега имаме само еден правец на снабдување и зависиме од случувањата во Украина. Европа има алтернативни патишта, а ние ги немаме и тоа никогаш не беше добро“, додава Чулибрк.