Фридрих: Прашање е дали приклучувањето на Бугарија, Романија и Хратска во ЕУ ќе се случи во 2007 година
26 март 2004На прашањето зошто смета дека приклучувањето на Бугарија, Романија и Хрватска е преурането, вицепретседателот на Европскиот парламент, Инго Фридрих, вели:
”Сакам да укажам дека јас никаде не сум го употребил зборот ”преурането”. Јас, како прво, гледам тројка - Бугарија, Романија и Хрватска, што инаку е новост во досегашната официјална дискусија. Јас немам ништо против овие три земји да бидат членки на ЕУ. Но, прашање е дали тоа навистина ќе се случи во 2007-ма година. Ние, навистина имавме толку многу проблеми во вклопувањето на сегашните десет нови членки, и не радува кога работите не одат пребрзо. Мислам дека за трите земји нема да биде штета дали приемот ќе се случи во 2007-ма или 2008-ма година. Важно е чекорите да бидат добро подготвени и сите учесници да можат тоа приклучување да го поднесат. ”
На сугестијата дека сепак тоа значи оти тој смета дека приклучувањето е преурането, Фридрих дообјаснува:
”Видете, Европскиот парламент воопшто нема донесено решение. Кога на маса ќе ги добиеме фактите, тогаш ќе ги разгледаме намира. Јас сум пријател на трите земји и сакам тие да станат дел на ЕУ, но на мислење сум дека ние денеска не можеме дефинитивно да кажеме дека тоа ќе се случи во 2007 година. Притоа, не можам ниту да исклучам дека приемот ќе биде во 2007-ма. Но, денеска воопшто не сум во состојба да дадам ветување дека тоа во секој случај ќе биде во 2007-ма.”
Како вицепретседателот на Европскиот парламент гледа на новите членки на ЕУ – како на пречка или како помош во унијата?
”Тоа за ЕУ е во секој случај поврзано повеќе со оптоварувања, од финансиска, организаторска природа и поради политичката разноликост. Ние веќе сега чувствуваме дека во многу сфери сме на границата на силите за европско интегрирање. Но, трите земји немаат гигантски број на граѓани, како што е на пример случајот со Турција. Можам да се надевам и очекувам интеграцијата на трите помали и средни држави да биде поднесена релативно без проблеми. Но, за сите учесници тоа не е обична прошетка. Вистинските успеси и плодови од овој развој ќе бидат видливи и ќе можат да се ожнеат дури за период од три до 6-7 години. ”