Француските социјалисти стравуваат од дебакл на комуналните избори
30 март 2014Прогнозите не ветуваат ништо добро за француските социјалисти - повеќе од сто градови со над десет илјади жители може да бидат загубени и да добијат конзервативни градоначалници. Така голем број градови можат да преминат во рацете на десницата, како Стразбур, Тулуз, Ремс, Мец, Кан (Нормандија), Ангулем, Белфор, Шамбери, Роан или Периго, додека уште две до три општини и во рацете на Националниот Фронт на Марин Ле Пен, откако по првиот круг ултрадесничарската партија доби најмногу гласови во 21 општина.
Успех е можен во главниот град Париз. Но, се чини дека социјалистите ја имаат загубено надежта за големо чудо. Главниот влог на овие избори е колку голем ќе биде поразот на владејачката Социјалистичка партија и нејзините коалициски партнери, односно кој ќе го искористи поразот: умерената десница или Националниот фронт, пред евентуалната реконструкција на Владата.
Претседателот Франсоа Оланд ќе треба набрзо да извлече поука од локалните избори и без да ги чека европските избори да изврши промена на Владата. Зад кулисите во Париз веќе се води битка кај социјалистите кој ќе биде назначен за премиер, досегашниот Жан-Марк Ејро или новите кандидати, Лоран Фабиус (шефот на дипломатијата), Мануел Валс (министерот за внатрешни работи), Клод Бартолон (претседателот на Собранието) или Бертран Деланое (досегашниот градоначалник на Париз). Реконструкцијата на Владата се очекува во текот на идната недела.
Во првиот круг на локалните избори минатата недела социјалистите доживеаја фијаско чии размери владата не ги очекуваше. Социјалистичката партија и останатите левичарски партии спаднаа на само 38,2 проценти заедно, додека конзервативните партии стигнаа до 46,44 проценти. Една од причините за катастрофалниот резултат на владејачките социјалисти се новите бројки за невработеноста во февруари, соопштени деновиве: нов негативен рекорд од 3,34 милиони без работа. Од стапувањето на власт во мај 2012. година социјалистите на Оланд освен тоа не успеаја да се справат со слабиот економски пораст.