Француска „одмазда“ кон Романија и Бугарија?
28 септември 2010Проблемот со Ромите во Франција би можел да го загрози влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната.
Имено, француската влада преку својот министер за европски прашања уште пред еден месец навести можно одлагање на членството на Софија и Букурешт во Шенген зоната, повикувајќи се меѓу другото на фактот што овие две земји се‘ уште се наоѓаат под надзор на ЕК, иако се полноправни членки.
Но меѓу редовите, француската порака е многу јасна – проблем се Ромите кои Франција ги протера и кои доаѓаат токму од овие земји.
Ваквиот однос е непринципиелен, смета Европската комисија.
Процедурата е позната
Портпаролот Микеле Черконе, одговарајќи на новинарски прашања, објасни – влезот во Шенген зоната мора да се оценува само врз основа на техничките критериуми
„Земјите-членки кои сакаат да и‘ се придружат на Шенген зоната сами си поставуваат рок. Врз основа на тој рок, Европската комисија ја започнува целата процедура за да им се помогне да ги имплеметираат условите. Даваме и финансиска и техничка помош за таа цел, за земјата да може безбедно и ефикасно да и‘ се придружи на Шенген зоната. Рокот за Бугарија и Романија е 2011 година и ние им помагаме да ја остварат оваа цел. Крајната одлука за влезот го носат министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ, треба да се одвојат процесите. Сметаме дека одлуката треба да ја донесат само врз основа на техничките критериуми.“
Но, политичката реалност е друга и одлуката за прием во Шенген зоната, слично како и онаа за стартот на преговори со ЕУ, се носи со консензус во Советот на ЕУ. И тука политиката лесно може да вмеша прсти и покрај повиците на Европската комисија, извршна власт и чувар на Повелбите.
Ромското прашање зазема огромни размери во ЕУ и доведе до кавги помеѓу Франција и Европската комисија.
Комесарката за правда, Вивиен Рединг најави и судски процес против Париз поради дискриминација и непочитување на повелбите на ЕУ.
Се‘ уште не се знае дали ЕК ќе го усвои овој предлог на Рединг, одлуката се очеква во текот на оваа недела.
Автор: Тања Милевска
Редактор: Жана Ацеска