Локалните избори-предупредување до Оланд
24 март 2014Првиот круг на локалните избори во Франција доведе до пробив на крајната десница, која во вториот круг ќе може да ја задржи контролата во околу 200 градови со над 10.000 жители.
Екстремно десниот Национален фронт во вчерашниот прв круг успеа да освои најмногу гласови во 16 градови. На големо изненадување Националниот фронт се најде на втората позиција и во Марсеј, пред социјалистите.
Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, одѕивот на вчерашните избори бил најслаб во последните 40 години, бидејќи на избирачките места се појавиле околу 64 проценти од гласачите.
Социјалистите очигледно ја плаќаат цената на нивната владина политика и ризикуваат да изгубат повеќе градови, меѓу кои и Стразбур и Тулуз. Меѓу оние кои беа избрани уште при првиот круг е градоначалникот на Бордо, Алан Жипе и лидерот на опозициската Унија на народното движење (УМП), Жан-Франсоа Копе. Социјалистите се втори и во Париз, каде води кандидатката на УМП.
Кандидатот на Зелените, Кристоф Најдовски, кој има македонско потекло, освои 8,4 проценти од гласовите, кои се очекува во вториот круг да се прелеат на контото на социјалистите и тие да го задржат Париз.
Во првиот круг е избран кандидатот кој ќе освои најмалку 50 отсто од гласовите, доколку тие претставуваат 25 проценти од вкупниот број гласачи во општината. Во вториот круг се пласираат кандидатите кои освоиле најмалку 10 проценти од гласовите.