Честит Илинден!
2 август 2020Годинешните свечености во Крушево, Пелинце и во Скопје, со кои ќе се одбележи 76-годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 117 години од Илинденското востание, ќе се одржат со заеднички лајтмотив – „Победа за сите“.
По повод големиот празник, македонскиот претседател Стево Пендаровски порача дека никогаш не смее да се заборават сите знајни и незнајни јунаци кои ги дале своите животи во борбата за слобода и независна држава.
„Годинава Илинден го прославуваме со крупен исчекор кон целосна реализација на стратешките цели, полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, што значи гаранција за безбедноста, суверенитетот и економскиот напредок, со што ги остваруваме идеалите и визиите и на илинденците и на асномците. Но, исто така, Илинден годинава го дочекуваме и сред пандемијата со Ковид-19 како огромна закана за здравјето, но и за егзистенцијата и начинот на живот, не само кај нас, туку и во целиот свет. Ова е време кога мораме да се сплотиме и заеднички да излеземе како победници од оваа ситуација. Во оваа борба не ни треба оружје, туку, одговорност, солидарност, дисциплина, трпеливост и слога. Поради сите жртви во минатото и почитта и долгот кон нашите предци, но и поради иднината на нашите деца и на нашата држава, да ги заборавиме сите несогласувања и нетрпеливости и обединети да излеземе како победници“, вели македонскиот претседател во честитката до граѓаните.
Поради пандемијата на Ковид-19, свеченостите по повод државниот празник Илинден, годинава ќе се одржат во посебни услови во согласност со протоколот за одбележување државни празници, без масовни народни собири.
Во протоколите, покрај бројот на учесниците, опфатени се и здравствено-безбедната организација на местата каде што ќе се одржат свеченостите, транспортот и движењето до локациите и местата за посетителите и учесниците, со обезбедена дистанца и заштита.