Училиштето Ритли во Берлин под полициска заштита
3 април 2006Релативно погледнато, претпладнето беше мирно пред петкатната зграда на училиштетот Ритли. Наставниците, навистина, имаа полни раце работа за да ги натераат 220-те ученици да се најдат во училниците точно до почетокот на часот, но околностите беа поинакви отколку во четвртокот попладнето. Тогаш учениците со камења ги нападнаа толпата медиумски известувачи. Од прозорците летаа шишиња и пластички корпи. Повод за возбудувањето беше писмото од нивните наставници во кое тие уште пред 4 недели барале од берлинските образовни власти затворање на училиштето поради распространетото насилство и недисциплина меѓу учениците.
Медиумското ехо ги штрекна не само учениците – берлинскиот сенатор за образование Клаус Бегер нареди претрес за да се спречи носење оружје од страна на учениците. По преспаната ноќ, определбата сепак беше за стратегија на деескалација. „Претресите изостанаа, оти се согласивме дека немаат смисла. Овде имаме до шестима полицајци – за да демонстрираме присуство и да бидеме партнер кому можат да му се обратат и наставниците, како и учениците. Решавачко е ние како берлинска полиција да се гледаме себе си како составен дел на севкупниот концепт“ – вели претставникот на полицијата Бернард Шодровски.
Училиштето Ритли се наоѓа во квартот Нојкелн, со висок удел на странци меѓу жителите, ниска стапка на вработеност и раширен криминал. Ритли е таканаречено Хауптшуле, средно училиште во кое учат главно ученици од социјално запоставени семејства. Училиштето точно го отсликува социјалното опкружување: со само 17 проценти германски ученици и растечко насилство меѓу учениците од различни етникуми.
Учениците велат дека учителите се целосно беспомошни: „Овде има многу кавги и тепачки. И уцени – учениците меѓусебно и се уценуваат, и постојано се предизвикуваат едни со други“. „Учителите, тие немаат поим. Тие веќе не се грижат за учениците, кои можат да прават што сакаат. Тие висат на прозорците иако наставата е во тек и се развикуваат во околината“.
Ниеден од наставниците не сакаше да зборува за состојбите што ги опишаа во своето писмо. На нивниот апел за помош властите реагираа со уверување дека ќе вработат двајца социјални работници кои го зборуваат јазикот на учениците, како и двајца социјалпсихолози, а од петокот е пополнето и од минатото лето упразнетото место на директор на училиштето.
Петер Зинрам од синдикатот на наставниците– укажува на сржта на проблемот: „Долгорочно прашање е што воопшто ќе направиме со моделот на Хауптшуле во Берлин. Тој дегенерираше во школа за остатокот, оти овде се среќаваат бесперспективните, без шанси, лузерите на општеството. Се’ додека тие остануваат меѓу себе, проблемот не ќе може да се стави под контрола“.
Според мислење на експерти, во проблематичните квартови на главниот град има многу училишта во кои чашата само што не се прелеала.