Унгарија се движи кон десен екстремизам
17 мај 2015Дури и некои десноориентирани медиуми во Унгарија беа запрепастени: „Никогаш не сме ги мразеле толку странците“, гласи насловот во mandiner.hu, еден од водечките конзервативни информативни портали. Поводот беше објавувањето на резултатот од истражувањето на јавното мислење, спроведено од Будимпештанскиот институт Тарки, според кој омразата кон странците и расизмот во историјата на посткомунистичка Унгарија никогаш не биле толку распространети колку денес. Покрај Арапите, на удар првенствено се Ромите, кон кои постои одбивност во унгарското општество-повеќе од 80 проценти од испитаниците на нив гледа негативно.
Како доказ за оваа анкета може да се земе и само неколку дена претходниот крај на процесот за низата убиства на Роми во Унгарија. Во петокот минатата недела Апелациониот суд ги потврди пресудите против убијците на Роми, изречени во прва инстанца во август 2013 година, проследено со голема незаинтересираност на јавноста и медиумите.
Строги пресуди-мала заинтересираност
Притоа, слично како и при убиствата извршени од обвинети членови на неонацистичката терористичка организација НСУ во Германија, се работи за злосторство без преседан во унгарската поствоена историја: група десничарски терористи во 2008/2009 година стрелала шестмина Роми и тешко ранила 55 луѓе, од кои мнозинството исто така од ромска националност.
Тројца извршители во август 2013 година во прва инстанца беа осудени на доживотен затвор без можност за предвремено пуштање на слобода. Еден од учесниците доби казна од 13 години затвор. Апелациониот суд ги потврди пресудите, што наиде на дезинтерес на јавноста.
Досега правосилна е само пресудата против учесникот во убиството Иштван Чонтос, кој при последните две убиства во 2009 година на извршителите им бил возач. Тројца обвинети, кратко по пресудата, вложија жалби до унгарскиот Врховен суд, кој нема да ја промени пресудата, туку само ќе го провери процесот на двете инстанци, испитувајќи евентуални формални грешки.
Натамошно свртување во десно
Незаинтересираноста на јавноста за убиствата на Роми е показател за општиот политички развој во Унгарија: десноекстремната партија Јобик, според анкетите, актуелно има поддршка од 28 проценти од гласачите, само малку е зад владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан. Тој пак падот на рејтингот на сопствената партија и подемот на Јобик уште одамна се обидува да го запре преку свртување кон теми од десниот екстремизам-очигледно безуспешно. Мнозинството унгарски политиколози е согласно во ставот-Орбан на тој начин само дополнително ги зајакнува десните екстремисти.
Претставниците на Орбан во Парламентот придонесоа и кон широко распространета рамнодушност кон жртвите на серијата убиства на Роми. Во Унгарија немаше јавни комеморации за жртвите со учество на државниот и шефот на владата, а дури по притисокот на граѓанските активисти, на преживеаните од серијата убиства и на семејствата на жртвите лани им беа доделени ситни обештетувања.
Притоа, кај унгарската држава лежи голема соодговорност за убиствата на Ромите: слично како и во случајот со НСУ во Германија, ако истражителите ја вршеле својата работа според правилата и ако тајните служби ги проследувале информациите за убиствата на Роми, двете последни убиства во 2009 година можеби можеле да бидат спречени. Преживеаните осега не можеа да чујат ни извинување од бившиот социјалистички премиер Ференц Ѓурчани, во чиј мандат беа извршени неделата и констатирани грешките на истрагата.
Мноштво отворени прашања
Истовремено, многубројни прашања околу тие убиства останаа отворени, смета либералниот политичар Јожеф Гулуаш, кој во 2009/2010 година беше член на Парламентарната комисија за истражување на убиствата на Ромите и кој заедно со група граѓански активисти се грижи за преживеаните од серијата убиства и родители на убиените.
„Постоеше најмалку уште еден совиновник, како и помагачи за кои ништо не знаеме“, уверен е тој: „Властите на тие прашања уште не дале одговор.“
Речиси сите преживеани од серијата убиства на Роми и нивните семејства денес живеат во голема сиромаштија, па не ни можеа во петокот да си дозволат да патуваат на изрекување на пресудите во унгарската престолнина. А државата не им ни понуди било каква можност за организиран превоз.
Така ниту Кристијан Ронто немаше прилика да отиде во Будимпешта. Тој имал 19 години кога еден од убијците на 15 декември 2008 година пукал во него од оддалеченост од 70 метри и го погодил во карлицата. Кристијан Ронто едвај преживеал, па цел живот само ограничено ќе може да извршува физички работи. Тој се надева дека драстичната пресуда против убијците ќе остане непроменета. Само возачот, убеден е тој, требаше да добие казна од најмалку 20 години затвор. Ронто никогаш нема да го сфати она што му го направија убијците: „Откаде им е правото да судат за животот на другите?“ прашува тој. „Откаде им е правото да одлучуваат кој се вбројува меѓу Ромите и мора да умре поради тоа?“