Туристичката берза во Берлин во сенка на атентатите од Мадрид
13 март 2004Атентатите во Мадрид оставија траги и врз Меѓународната туристичка берза што од вчера се одржува во Берлин. На отворањето, шпанските изложувачи им одадоа почит на своите сограѓани со една минута молчење, а повеќе саемски штандови носат траурни ленти. За очекувањата на преку 10.000 излагачи од 178 земји на најголемата светска берза на туристички понуди, од следниот прилог.
Терористичките напади во Мадрид се најдоа во центарот на внимението и на посетата на германскиот министер за економија Волфганг Клемент, кој го измени планот и прво ги посети шпанските излагачи. Се уште е рано да се размислува за последиците од атентатите врз туристичката бранша, порача Клемент во изјавата за ДВ:
“... сметам дека за почеток сме во сочувство и слидарност со жртвите, со Шпанија и шпанските граѓани. Сметам дека најважната последица од атентатите е тоа што сите ние во цивилизираниот свет ќе се кренеме на нозе против тоа што таму се случи.“
Шпанските излагачи на Берлинската турстичка берза се секако погодени од трагичниот настан во татковината, но и самите нагласуваат дека животот мора да оди понатаму. Тие се уверени дека најновите терористички акти нема трајно да го загрозат имиџот на Шпанија, која е една од најважните дестинации на германските туристи:
“Ние сме земја која е навикната на теророт поради ЕТА. Можно е во овој момент Германците да мислат дека тоа е опасна земја. Но, верувам дека луѓето наскоро ќе заборават. Можно е нешто помалку Германци да дојдат на одмор во Шпанија годинава, но јас сум уверен дека Шпанија е во основа сигурна земја“ - вели еден од излагачите, Хуан Варгас.
Оптимизам владее и кај германските тур-оператери по трите лоши години – наспроти заканата од тероризмот. Здружението на германските туристички претпријатија очекува годинава зголемување на профитот за 5%, пред се поради знаците на опоравување на германската економија, поради силното евро, како и големите попусти што ги нудат светските туристички претпријатија. И најголемиот германски концерн од оваа бранша, ТУИ, не гледа негативни последици од атентатите во Мадрид. Само поединечни лица ги откажале веќе букираните одмори во Шпанија:
“Не верувам дека тоа ќе има влијание врз нашето однесување како туристи. Ние годинава ионака одиме на одмор на нашето Боденско езеро и не се интересираме посебно за далечни патувања. Но, доколку би сакал да одам во Америка и слично, тогаш секако не би ги одбирал тие земји каде што знам дека може да дојде до терористички напади“ - вели еден од посетителите на најголемата туристичка берза во светот.
Германските претпријатија од туристичката бранша бележат зголемување на интересот за куси и поефтини одмори во земјите од Средна и Источна Европа, а според нивните статистики секој четврт Германец го минува одморот во одмаралиштата во татковината – и тоа со растечка тенденција. Тоа меѓутоа не е поврзано со опасноста од тероризмот, туку со опаднатиот стандард на Германците, оценуваат експертите.