Топлина за Берлин од алтернативни енергенси
8 април 2009Германската престолнина не само декларативно, туку и конкретно се ангажира за заштитата на климата. Плановите за изградба на нова централа на јаглен наместо актуелната Клингенберг не се прифатени. Во опција се неколку варијанти, што се обработени и во Студијата за алтeрнативно греење, чиј нарачател беше Сојузот за заштита на климата заедно со уште стотина помали еко-организации.
Градските квартови Лихтенберг, Марцан - Хеленсдорф и Фридрихсаин - Кројцберг за десетина години, кога ќе се исклучи од системот старата централа на лигнит, Клингенберг, ќе имаат најчист воздух во престолнината. Ова го најави енергетскиот концерн Ватенфал, кој се откажа од градба на нов капацитет на јаглен и планира потребната топлинска енергија за овој дел од градот да ја обезбеди од комбинирани капацитети на биомаса и гас. Со нив до 2050 година се предвидува намалување на количеството испуштен јаглероден диоксид и до 50 проценти, во споредба со 1990 година. Паралелно со плановите на концернот, Високата школа за техника и економија од Берлин изготви и студија, во која се анализираат две варијанти на алтернативни капацитети како замена за Клингенберg. Централизиран модел со капацитети на гас и биомаса и децентрализиран со соларни и агрегати кои користат дрвени отпадоци, топлински пумпи и микро инсталации на гас.
„Ние ги препорачуваме децентрализираните системи со блокови, каде се интегрирани капацитети од по 5 мегавати, со што во гoлема мера се намалува јаглеродниот диоксид за целиот регион, а цената на топлинскатата енергија останува стабилна“ - вели проф Јохен Твеле, автор на студијата, според кого за вистинскиот избор е неопходна детална анализа на објектите, како и одговор на прашањето дали до нив има инсталирано соодветна мрежа.
„Со санирињето на објектите и нивно добро изолирање ќе се сопре губењето на топлината и потребите ќе се намалат дури за 9,5 проценти“ - пренесува Твеле дел од резултатите на студијата, меѓу кои има аргументи и за користење на сончевата енергија.
Голем потенцијал
Според нашите проценки, до 2018 година изградбата на соларни термички површински потенцијали може да се зголеми и до 18 проценти, со што од овој извор ќе се покријат 2 % од потребната топлинска енергија.
За деловите од градот, кои не се поврзани во мрежа, предвидено е користење на отпадоци од дрво и топлински пумпи. Така и покрај предвидениот пораст на цените на струјата и гасот во претстојниот период се предвидува дека цената на топлинската енергија добиена на ваков начин ќе остане главно на сегашното ниво, односно 11 до 12 центи за киловат час, а атрактивно е и намалувањето на јаглерод-диоксидот.
Инаку, десетте термоцентрали кои сега го снабдуваат Берлин со енергија, годишно емитуваат 7,5 милиони тони ЦО2. Во 2020 година, со промена на енергетската структура, овој износ ќе се намали на 6,5 милиони тони.
Автор: Силвера Падори
Редактор: Жана Ацеска