Бегалците да не се ставаат под генерално сомнение
28 март 2016Реакциите можеа да се предвидат: Под притисок на страотните терористички напади во Брисел политичари ширум Европа настапија во јавноста со изјави со кои доаѓањето на бегалците во Европа го доведоа во врска со терористичката опасност. Сеедно дали стануваше збор за полската премиерка Беата Шидло, која најавува дека „токму сега нема да прими бегалци во Полска“, или за унгарскиот премиер Петер Шијарту, кој јавно заклучи дека терористичката опасност пораснала поради „неконтролираното доселување“. И западноевропските политичари од десниот табор нападите во Брисел ги поврзуваат со доселувањето на бегалците. Притоа, се превидува фактот дека напаѓачите од Брисел немаат ништо заедничко со бегалскиот бран. Тие се родени во Белгија и биле белгиски државјани.
Добредојден изговор
Воспоставувањето врска меѓу терористите во Белгија и луѓето кои во голем број бегаат во Европа не е само добредојден изговор за непреземање на одговорноста по прашањето на европската солидарност, каков што е примерот со Полска, каде владата не е подготвена да прими ни 400 бегалци- за цела 2016 година- туку со таквите изјави може и на внатрешнополитички план да се присоберат поени кај избирачите. На граѓаните им се сугерира дека се води грижа за нивната безбедност со тоа што не се примаат бегалци. Но, таквиот став пред сѐ оди во полза на ширењето нерасположение кон луѓето кои се во нужда. Тие бегаат поради тоа што стравуваат за сопствениот живот во татковината, или затоа што се надеваат дека на своите деца ќе можат да им прижат подобар живот во Европа. Затоа е разбирливо што многу бегалци сега стравуваат дека ќе бидат обележани како потенцијални терористи.
Ширењето нерасположение против бегалците може да им помогне само на терористите, бидејќи целта на терористичката организација „Исламска држава“ е уште посилно да ги поларизира муслиманскиот и немуслиманскиот свет во Европа, за да однесе уште повеќе луѓе во радикализација. Колку повеќе муслиманите ќе се чувствуваат изолирано во немуслиманските општества, толку побрзо би можеле да се радикализираат. На тој начин ИД би можела до добие повеќе самоубијци кои ги дестабилизираат западните општества. ИД се надева дека така ќе може да го прошири своето подрачје на моќ.
Одговорноста на европските безбедносни власти
Кој бегалците ќе ги стави по генерално сомнение треба да размисли и за тоа дека бегалскиот бран воопшто не им одговара на демагозите од „Исламска држава“, бидејќи фактот дека толку многу луѓе бегаат од подрачјата кои ги контролила ИД покажува оти стотици илјади луѓе го отфрлаат тој терористички режим. Политички сјај изгледа поинаку.
Меѓутоа, фактот дека ИД ја искористи делумно хаотичната ситуација при регистрацијата на бегалците во минатата есен за да прокриумчари терористи кои потоа учествуваа во нападите во Париз, е сосема друга работа. Надзорот на таквиот облик на инфилтрација и спречувањето на нападите лежат во полето на одговорности на тајните и безбедносните служби.
Структурни недостатоци во борбата против тероризмот
Токму тука, во големиот неуспех на безбедносните служби, посебно на белгиските, лежи вистинскиот проблем. Колку повеќе поединости излегуваат на виделина за тоа, толку покатастрофална станува сликата која ја предочуваат. Тие не само што ги занемариле информациите за тоа каде се наоѓаат напаѓачите, туку ги игнорирале и наводите од Турција дека барем еден од напаѓачите се вбројува меѓу најопасните џихадисти. Со месеци не им појде од рака да го уапсат организаторот на нападите во Париз, иако се наоѓаше среде Брисел. Зошто опасните напаѓачи на бриселскиот аеродром предвремено биле пуштени од затвор? Како можело да се случи од обични криминалци во бегиските затвори да се претворат во фанатични џихадисти кои се предвремено пуштени на слобода иако им се дадени лоши прогнози?
Последниот терористички напад во Белгија конечно мора да доведе до тоа да се отстранат еклатантните недостатоци во борбата против тероризмот. Повеќе персонал, подобра комуникација меѓу федерално организираните институции, поголема размена на информации со најважните европски соседи- сето тоа сега мора брзо да се прифати.
Кој бегалците ги обележува како жртвени јагниња, тој го пренасочува вниманието од вистинските проблеми на западниот свет во борбата против исламистичкиот тероризам.