Телевизорите доминираат на годинешниот Саем на телекомукации во Берлин
1 септември 2006Токму поради тоа организаторите на меѓународниот Саем за телекомуникации во Берлин решија оваа манифестација да не се одржува повеќе секои две, туку секоја година. Сабине Кинкарц испрати извештај за она што годинава може да се види на огромната саемска манифестација.
Мотото на годинешниот Саем на телекомуникации би можело да биде: поразновидно и поостро. Во подножјето на Берлинската телевизиска кула годинава во фокусот на вниманието се најдоа телевизорите. Тие се опремени за најновата технологија, со т.н. телевизија со висока дефиниција, што значи многу остра слика и со ултра тенки екрани, кои се се‘ поголеми и поголеми. Ако на тоа се додадат видео и ДВД апарати со тон на осум канали, тогаш станува јасно оти дневната соба на малку подобро стоечките граѓани на Западот е во состојба да пружи висок квалитет на забава како во кино.
Изложувачите во Берлин деновиве задоволно ги тријат рацете, зашто бизнисот со ваквите телевизори со висок квалитет цути во вистинска смисла на зборот. Прометот со нив се зголеми за 30% само во првата половина од тековната година. Во време на Светското првенство во фудбал во Германија зголемувањето досегна дури и цели 40 проценти, појаснува Рајнер Хекер, претседавачот на Надзорниот одбор на германското Друштво за комуникациска електроника:
„Тоа е поткрепа за прогнозата на истражувачите на пазарот, според која т.н. телевизија со висока дефиниција ќе се шири значително побрзо, отколку своевремено телевизорите во боја.„
Претпријатијата застапени на Саемот во Берлин со задоволство посочуваат дека браншата забележува пораст и на полето на мобилните телефони и направи за репродукција на музика:
„Во 2005-та година во Европа се продадени повеќе од 160 милиони мобилни телефони, апарати за навигација во автомобилите, МП3 плејери, дигитални камери и слични апарати. Сето тоа се производи што се нови на пазарот и сега покажуваат поинаква динамика, отколку пред 5 години„ - нагласува Ханс Јоахим Камп, претседавач на Здружението на претпријатијата кои произведуваат електронски производи за широка употреба.
На овој пазар годишно се појавуваат по 10.000 нови производи. Истражувачите на пазарот заклучуваат дека она што најмногу се бара се нови производи со повеќекратни можности за користење, а кои го подобруваат имиџот на корисниците. Што се однесува до германските потрошувачи, забележано е дека тие повторно повеќе се ориентираат според квалитетот и марката на производите, а помалку според пониската цена. За дури четворица од петмина германски купувачи таков е редот на приоритети. Ханс Јоахим Камп вака ја оценува ситуацијата на германскиот пазар:
„За Германија сметаме според прогнозата на истражувачите со пораст на целата бранша од 4% на вкупно 22 милијарди евра промет.„
Ваквиот пораст треба секако да биде поттикнат и преку Саемот на телекомуникации, каде се очекуваат преку 250.000 посетители:
„Тоа значи дека вниманието ќе биде поттикнато не само во Германија, туку сигурно и во цела Европа, за сите нови производи и иновации. Саемот ќе ги придвижи купувачите кон продавниците„ – посочува главниот менаџер на берлинскиот Саем, Кристијан Геке. Тој вели дека со 1050 изложувачи Саемот на телекомуникации во Берлин и годинава е апсолутно пребукиран.