Табановце: Криенка кај граничниот камен
23 август 2015Тони добро го познава Табановце и околината. Тој е роден тука, во североисточна Макеоднија, на самата граница со Србија. Носи маица со двоглав орел под кој пишува „Русија“. Видел веќе многу телевизиски екипи, драго му е што може да го покаже непроодниот пат. По тој пат доаѓаат бегалците кога таксистите, кои ги доведуваат од Гевгелија, ќе ги истоварат на автопатот. „Овде крадат храна по бавчите и дворовите. Гладни се, но не сакаат проблеми со домашното население“, раскажува Тони додека го преминува потокот преку паднатото стебло. Вели дека пред неколку минути по овој пат поминала група од 50 бегалци. „Половината од нив ќе останат кај нас. Сигурно планираат некоја војна“, вели Тони и додава дека тактиката на Ирачаните, Пакистанците и Сиријците, кои побегнале од војната и бедата, е проѕирна.
Се проближуваме кон локалната железничка станица. Тони има решение за проблемот: „Нека одат во САД. Германците и Французите можат да ги соберат бегалците и да ги испратат со авиони. И да им речат: ’Драги Американци, и онака вие ги предизвикавте војните во Ирак и во Сирија“.
„Морам да бидам паметен“
На железничката станица тукушто стигнува група бегалци која во Гевгелија имала среќа да се избори за место во возот. Претставништвото на УНХЦР во близина има подигнато бели шатори кои донекаде штитат од жештината. Во попладневните часови нема ни волонтери ни лекар, тие доаѓаат да ги обиколат бегалците само наутро. Бегалците овде често само полнат вода за да продолжат пешки кон север. На српската страна на границата тврдат дека дневно во земјата влегуваат по две илјади бегалци. Еден маж го открива принципот на преминување: "No police – go. You see police – go back."
Овде стигна и Заман од Мароко, носејќи голема торба на грбот. Тој е посебен, иако не е редок случај. Овој човек со широка насмевка раскажува дека четири години живеел во Атина и тоа без документи: „Грците се фини луѓе. Но, полицајците се вистински расисти“. Заман ги потврдува гласините дека грчката полиција ја користи реката бегалци за да се ослободи од илегалните доселеници, оние кои со години живеат во Грција. Така сега во Македонија се најдоа и Кинези кои живееле заработувајќи за живот со масажа на грчките плажи или продажба на евтина кинеска стока во Атина. Тие се единствените кои всушност сакаат да се вратат во Грција. На Заман, пак му е доста од живот без човечко достоинство. „Па можеби во Германија ќе го најдам тоа што го барам. А тоа не е многу: некоја чесна работа и чесен живот“.
Мароканецот на тој пат ќе мора прво да ја премине границата кон Србија. Македонска погранична полиција нема, но српските колеги се појавуваат опремени со автомати и двогледи. Заман вели дека „мора да биде паметен“. Подмитување на полицајците не доаѓа во предвид. „Немам толку пари“, вели тој.
Играње криенка
Луѓето во униформи на српска жандармерија, која всушност е дел од војската, не ни изгледаат како некој кој би зел мито. Се досадуваат на ритчето, надгледувајќи го Табановце. „Веќе сте 500 метра на територија на Србија“, вели еден, додека другите им се смеат на новинарите кои не го видоа малиот бел граничен камен. „Сега ќе ве пикнеме во затвор“, се шегуваат со нас. Еден од нив, со избричена глава и тетоважи на мускулите, се лути на македонските колеги кои според него не прават доволно за обезбедување на границата. За него работат е едноставна: „Бегалците се обидуваат масовно да ја преминат границата, а ние ги враќаме назад.“
Пограничните контроли не служат за херметичко затворање на границата, туку веројатно за дозирање на дневниот број бегалци. Бегалците на кои ќе им успее да ја преминат границата, ги чека бегалскиот камп во Прешево. Тука ги регистрираат и им даваат временски ограничена дозвола за движење низ Србија. Во писмо кое со свои очи го видовме, Министерството за внатрешни работи на Србија на приватниците им нуди воведување посебни линии од кампот во Прешево до Белград. Превозниците радо се јавуваат, конечно, бегалците плаќаат билет што чини 13 евра.
Србија сака да го забрза протокот на бегалци кон север и што поскоро да ги испрати во Унгарија. Затоа не е ни чудно што припадниците на жандармеријата по неколку минути се качуваат во џипови и заминуваат. Штом нивните возила се оддалечија, неколку семејства од Авганистан, кои чекаа во грмушките, тргнуваат кон скоро невидливиот бел граничен камен-меѓник.