Стопиран најоспоруваниот атомски проект во Европа
31 октомври 2009РВЕ се повлекува од проектот за нова нуклеарна централа во Белене, Бугарија, кој беше оспоруван од здруженијата за заштита на животната средина и од сопствените редови. Енергетскиот концерн го откажа своето учество по само една година од почетокот на преговорите, со образложение дека е несигурно финансирањето на проектот кој чини милијарди. Изградбата на втората нуклеарна централа во Бугарија е неизвесна.
Во американскиот акционен филм „Умри полека“ има многу губитници, но на крајот сепак, еден е победник во бесконечната грозоморна борба. „Умри полека“ може да биде соодветен наслов за приказната за бугарската нуклеарна централа „Белене“. Изгледа дека има само губитници, а не победници, со исклучок на поборниците за заштита на животната средина кои од почетокот беа против проектот. Покрај тоа, во бугарската верзија на „Умри полека Белене“ не се водат крвави битки како во познатиот акционен филм со Брус Вилис. Но, сепак, тоа е борба за опстанок која трае со години, речиси бесконечно...
Проектот за нуклеарна централа на Дунав кој настана во времето на социјализмот, се стопира веќе неколку пати. На бугарските власти секогаш им успева да го оживеат проектот со помош на некој сериозен партнер. Минатиот пат тоа беше енергетскиот концерн РВЕ. Се‘ до пред една година беше сигурно откажувањето од атомска енергија во Германија. РВЕ бараше можности за соработка со нуклеарни централи во странство. Концернот со својот руски реактор требаше да добие 49% од проектот Белене, а бугарската држава 51%.
Проблеми околу финансирањето
Сега, десет години по „спасоносното“ пристапување, РВЕ се откажа од проектот. Јорг Керлен, раководител на енергетската политика во РВЕ објаснува зошто нема да дојде до очекуваната соработка со државното Национално енергетско претпријатие (НЕК): „Ние и укажавме и на претходната бугарска влада дека е важно да се подготват соодветни средства, и дека финансирањето во време на економска и финансиска криза е голем предизвик. Но, проблемот околу финансирањето не се реши во определениот рок. За жал овој критериум е одлучувачки.“
Рокот за решавање на „финансиското прашање“ истече кон крајот на октомври. Притоа, важно е да се спомене дека претходната бугарска влада предводена од социјалистот Сергеј Станишев го поддржуваше проектот и на почетокот тврдеше дека ќе чини 4 милијарди евра. Во меѓувреме, сумата двојно се зголеми. Новата влада во Софија која е на функцијата од летово, тврди дека станува збор за околу 10 милијарди долари. Премиерот Бојко Борисов е изреволтиран: „Екс-премиерот Станишев сега треба да ги каже лагите кои им ги кажал на РВЕ, па Германците помислија дека има пари за овој проект. Зашто дозволија прилив од над една милијарда евра во проектот, без претходно да се осигура понатамошното финансирање!“
Токму затоа, премиерот Борисов побара ревизија на проектот Белене. Но, тоа не значи дека новата влада се откажа од изградбата на втората нуклеарна централа во Бугарија. Првата централа Козлудуј беше изградена уште во социјализмот. Под притисок на ЕУ Бугарите требаше да исклучат четири од нивните стари руски реактори: „Ние ќе бараме нови инвеститори за нуклеарната централа Белене и ќе направиме подобра финансиска структура за проектот.“
Силна антикампања
Тие размислуваат дури да се откажат од 51% учество на државата во проектот, иако се работи за нуклеарна централа во нивната земја. Но, изгледа ќе биде тешко да се најдат нови инвеститори. Неколку потенцијални инвеститори се откажаа поради силната анти-Белене кампања и аргументите на германски организации за заштита на животната средина, како „Природна сила“. Еко-активистите тврдат дека Белене е трусно подрачје, а проектот е нерентабилен. Ова беа делумно и сомнежи на надзорниот одбор на РВЕ.
Во меѓувреме, во Бугарија се шират гласини дека руски концерн е заинтересиран за оспоруваниот проект. Тоа е фирмата „Атомштројекспорт“ која е поврзана со дистрибутерот на централата. Хефа Шикинг, раководителка на германската организација за заштита на животната средина „Природна сила“ коментира: „Ако Русија сака да влезе како инвеститор, се сомневам дека новата бугарска влада ќе прифати да биде зависна од нив.“
Владата во Софија молчи по тоа прашање и наскоро ќе распише конкурс за потенцијални инвеститори. Сигурно е дека наскоро следува и вториот дел од бугарскиот акционен филм „Централата Белене умира полека“.
Автор: Маринела Липчева-Вајс / Јасна Мушиќ-Јанчулева
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска