Српската разнишана енергетска политика
20 септември 2014Во јагленокопите на „Колубара“ се покажува целата економска мизерија на земјата. Седумдесет проценти од снабдувањето со струја зависи од енергија од извори штетни за природната околина.
Постројките и централите на државниот снабдувач со струја „ЕПС“ во најголем дел потекнуваат од времето на социјалистичка Југославија. Тие треба да се осовременат со многу пари од Брисел и од земјите-членки на ЕУ.
Екологистите критикуваат. Минатата година лизгање на земјата покрај еден површински ископ затрупа дел од населбата. Една улица одеднаш беше прекриена со камења.
„Јаловината од ископот била депонирана тука и, според информациите од рударските инспектори, тие депонирале премногу, па целиот рид се урнал кон селото уништувајќи десетици куќи“, вели Никола Перушиќ од Центар за екологија и одржлив развој „Чекор“.
И покрај кредитната помош од милиони евра, жителите се оставени сами да се справуваат со последиците од површинскиот ископ на јаглен. Проблемите на руинираните јагленокопи се многу далечни за главниот град Белград.
Но, енергетските проблеми на Србија се одамна познати. Снабдување со гас речиси 100 процентно се обезбедува преку договори со Русија. А, тоа наскоро може да донесе нови проблеми.
„Ова ќе биде најтешкиот дел од нашите реформи. Имаме многу проблеми, не само со ’Србијагас’, туку имаме проблеми и со ЕПС и сите останати претпријатија во државна сопственост“, изјави лани во септември премиер на Србија Александар Вучиќ.
Земјата му го продаде државниот снабдувач „Србијагас“ на рускиот концерн „Газпром“ - со голем ризик за српските даночни обврзници. „Газпром“ сака преку Србија да изгради еден дел од гасоводот „Јужен тек“ и тоа спротивно од желбите на Брисел. Според европската регулатива, испорачувачот со гас не смее да го контролира и патот на снабдување.
Потребно е разјаснување на многу работи меѓу Белград и ЕУ, ако земјата сака да напредува на патот кон членство во Унијата.