Спречување на доселување поради сиромаштија
7 ноември 2014Германскиот парламент со мнозинство гласови на СПД и ЦДУ/ЦСУ донесе пакет мерки со кои треба да се спречи т.н. доселување поради сиромаштија, а кое всушност значи злоупотреба на социјалните услуги на државата. Притоа, не се чепка во ЕУ-ветувањата за слобода на движење. Еве ги накусо најважните заклучоци:
Правото на престој за барање работа се ограничува на 6 месеци. При злоупотреба се закануваат три години затвор или парична казна.
Општините од сојузот ќе добијат еднократно 25 милиони евра како олеснување на нивниот финансиски товар.
Забрани за повторен влез ќе бидат временски ограничувани генерално, а не како досега по претходно доставено барање.
Детскиот додаток ќе се исплаќа врз основа на доставен даночен број, за на тој начин да се избегне неколкукратно исплаќање пари на исто лице.
Трошоците за вакцинирање за децата и младите ги преземаат државните здравствени фондови.
Работењето на црно ќе се спречува преку подобра размена на податоци меѓу надлежните институции.
Во Германија, меѓутоа, нема да има квоти на доселување за граѓани на одделните држави на ЕУ. Ваков пат од пред извесно време предлага британскиот премиер Камерон, поради што беше прекорен од страна на официјален Берлин. Камерон потоа вети дека до Божик ќе предложи „планови кои се компатибилни на германските“.
Меркел сакаше да ја олади вжештената дебата
Поимот „доселување поради сиромаштија“ во јавната дебата се однесува пред се‘ на Романците и Бугарите кои уживаат целосна слобода на движење и работа од почетокот на годинава. Меѓу нив има и голем број Роми. Уште претходно, во ноември 2013 година, 16-мина градоначалници во писмо до Меркел доставија каталог со барања за доселувањето поради сиромаштија.
На средбата на почетокот на 2014-та ЦСУ даде стартен сигнал за дебатата која стануваше се‘ пожешка, а се одвиваше под слоганот: „Кој мами, лета!“ Бугарската влада и Централниот совет на Синтите и Ромите критикуваа дека кампањата предизвикува стигматизација и не е соодветна на реалноста, ако се земе предвид дека од Романија и Бугарија се иселуваат и многу луѓе со високо образование.
За да го олади тонот, канцеларката Меркел наложи создавање комисија од државни секретари. На маса седнаа претставници од речиси сите министерства и разработија предлози за тоа што треба и што мора да се направи. Во месеците што следеа се зголемуваше притисиокот да се стори нешто, меѓу другото и поради политичките успеси на партијата АфД, која оваа тема ја користеше популистички во своите изборни кампањи.
Мерките кои сега се донесени следат врз основа на предлозите на Комисијата на државни секретари. Но не сите мерки се навистина и нови закони. Правилата повеќе се прецизирани или дополнети.
Најавени натамошни чекори
Мерките се „прв чекор во вистинска насока“, оценува Андреа Линдхолц од ЦДУ и најавува натамошни чекори. Таа притоа ја наведува одлуката на Европскиот суд за пристап до социјална помош во Германија на граѓаните на другите земји од ЕУ, која се очекува на 11 ноември. „По оваа одлука ќе мора да следуваат натамошни мерки.“ Ќе треба и да се регулира - дали на децата кои живеат во странство, а чии родители престојуваат во Германија, ќе мора да им се исплаќа детски додаток во полн обем.
Линдхолц укажува уште еднаш на постоечките закони на ЕУ, според кои државите имаат сопствен простор за одлучување, за да се споречи злоупотреба и измама при слободата на движење. Германската влада сега го користи овој простор.
„Проблемите да не се игнорираат“
Партискиот колега на Линдхолц, Гинтер Крингс, ги брани сега донесените мерки, нагласувајќи дека не е паметно проблемите да се преценуваат, но не е добро ниту да се игнорираат или да се табуизираат доколку се настојува во општеството да се постигне „трајно акцептирање на слободата на движење“.
Крингс укажува на „итните апели од општините“. Општините во моментов имаат големи проблеми со домувањето, образованието, здравствената нега, потоа социјални проблеми и голем пораст на бројот на бегалци. Слободата на движење е поврзана со законски предуслови како образование или барање работа, кои секој мора да га исполни, потсетува Крингс.
Ула Јелпке од Левицата се спротивставува на ваквите ставови и вели дека во Германија „во популистичка дебата врз врапчиња се пука со топови“. Таа наведува дека од Романија и Бугарија има 400.000 доселеници, а само 91 случај на злоупотреба. „Немојте да ги убедувате луѓето дека има социјални измами, на тој начин само водите ист бизнис како АфД“, криткуваше и Фолкер Бек од Зелените. И Левицата и Зелените, кои се во опозиција во Бундестагот, гласа против измените на законот, но без успех.