Социјални продавници за сиромашните во Грција
20 август 2011Атина пет години работеше во супермаркет. Пред шест месеција загуби работата, а бидејќи е разведена, таа треба да ги одгледува петте деца. Социјалната продавница во Пиреја и’ нуди привремено решение за нејзината финансиска состојба. Таму таа може бесплатно да ги земе основните продукти во период од шест месеци.
„Одам во социјалната продавница за да можам на моите деца да им ги купам работите за основните потреби. Купувањето храна ми е основен проблем, така што оваа програма многу ми помага. Во оваа ситуација децата не ми бараат да им купувам многу, бидејќи знаат дека ќе ми ги повредат чувствата, затоа што ме можам многу да им понудам“, вели Атина.
Картичка со пари од општината
Социјалната продавница е резултат на соработката меѓу општината Пиреја и една мала продавница. На секои шест месеци други 250 финансиски ранливи семејства се одбираат комисиски. Тие добиваат краткорочна кредитна картичка со ограничен месечен лимит на трошење.
„Програмата е за ограничено време и корисниците го знаат тоа. За шест месеци им го тргаме на страна стресот за преживување, така што ќе можат да се фокусираат на враќањето во економскиот систем“, објаснува градоначалникот на Пиреја, Панајотис Фасулас.
На тој начин и Атина може да се фокусира на иднината, кога дневните прехрамбени потреби и се задоволени.
„Морам да застанам на две нозе и да ги одгледувам децата. За шест месеци, кога завршува програмата, се надевам дека ќе најдам работа“, додава Атина.
Младите и жените најпогодени од сиромаштијата во Грција
Кризата во Грција е многу голема. Земјата има стапка на сиромаштија од 20 проценти. Враќањето на луѓето на работа, преку специјални програми, е еден од главните предизвици на Владата.
„Развиваме проактивни политики за интегрирање во пазарот на труд, посебно за младите луѓе и жените, бидејќи постојат докази дека тие се најмногу погодени од невработеноста“, вели Теодор Цекос, генерален секретар за менаџирање со европските фондови.
Социјалната продавница и’ помогна на Атина да си го врати животот на вистинскиот пат. Таа има време да бара работа бидејќи друг се погрижил нејзините дневни потреби да бидат задоволени.
„Социјалната продавница ќе им помогне на многу фамилии, бидејќи мене многу ми помогна и продолжува да ме поддржува“, заклучува оваа жена.
Автор: ЕБС/ Александар Методијев
Редактор: Симе Недевски